1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

„Не“ за Олимпијадата во 2022

Градот Минхен нема да поднесе кандидатура за организација на Зимските олимписки игри во 2022 година. На референдумот одржан вчера (10.11) мнозинство од граѓаните се изјаснија против кандидатурата.

Главниот град на германската покраина Баварија нема да се кандидира за организација на Олимписките игри во 2022 година. Мнозинство од граѓаните на Минхен, окрузите Траунштајн и Берхтесгаден, како и општината Гармиш-Партенкирхен, каде исто така би се одржувале натпреварувања, се изјаснија против ангажман за зимската Олимпијада.

До последен момент беше неизвесно како ќе се изјаснат граѓаните. Иако се очекуваше тесен резултат и многу граѓани страсно агитираа за едната и другата опција, излезноста на референдумот беше мала. Помалку од една третина од 1,3 милиони луѓе со право на глас излегоа на референдумот.

„Тоа многу не‘ изненади“

Ризикот за неуспех на референдумот за поддржувачите на кандидатурата за Олимпијадата беше голем од самиот почеток, зашто во сите четири изборни единици мораше да се постигне мнозинство. Ако само во една единица победеше „не“ за Олимпијадата, тоа ќе значеше крај за кандидатурата. На крајот, против кандидатурата за организација на ЗОИ 2022 се изјасни мнозинството во сите изборни единици.

Михаел Веспер, Генерален секретар на Германскиот олимписки спортски сојуз (ДОСБ) трезвено го коментираше исходот од гласањето: „Многу сме разочарани. Тоа многу не‘ изненади“.

Идниот претседател на ДОСБ, Алфонс Херман, пак, стравува дека ваквиот исход може да ја заслебне основната работа во германскиот спорт. „Сега ДОСБ мора да размисли како да го надомести овој неуспех и германскиот спорт да го води кон успешна иднина“, истакна Херман.

Стравувањата не беа расчистени

Кај противниците надвладеа стравот од непресметливите трошоци и скепсата кон Меѓународниот олимписки комитет (ИОК). Тие стравуваа дека од страна на ИОК ќе бидат принудени на заплеткани договори и потоа ќе имаат исти искуства како други организатори на Олимпијадите претходно. Имено ИОК да направи огромни зделки со двонеделната спортска манифестација, а на организаторите Минхен и неговите соседни општини да им останат трошоците.

Покрај тоа, жителите на Траунштајн, Берхтесгаден и Гармиш-Партенкирхен сметаа дека нивните места не се дораснати на очекуваниот наплив на илјадници олиписки посетители. Инфраструктурата во овие места е под голем притисок и од зголемениот сообраќај за време на зимските месеци.

Градот Минхен, инаку, во 1972 година веќе беше организатор, но на Летните олимписки игри. Во Гармиш-Партенкирхен во 1936 година пак се одржа зимската Олимпијада. Тогаш зимските и летните Олимписки игри се одржуваа во иста година. Летната олимпијада во 1936 година беше одржана, пак, во Берлин.

Граѓаните на Минхен и околината меѓутоа не се единствени во отфрлањето на кандидатурата за организација на Олимписките игри. И во Швајвцарија, Австрија и Франција во изминатите години имаше исти исходи на референдумски изјаснувања. Ваквите исходи се и глас за недоверба на адреса на Меѓународниот олимписки комитет. Имено додека ИОК остварува профит од големите спортски манифестации, на организаторите по правило им остануваат огромни трошоци за покривање кое потоа трае со децении.