1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

„Не е се‘ црно во меѓуетничките односи во Македонија“

Што вели експертската анализа за меѓуетничките односи во Македонија, произлезена од анкета со илјада испитаници од сите етникуми и од сите региони и спроведена во септември 2009 година, промовирана неодамна во Тетово?

default

Анализата за меѓуетничките односи е промовирана неодамна во рамки на најновото издание на публикацијата „Граѓански засновани анализи“ на Штуловиот универзитет во Тетово.

Според „Граѓански засновани анализи“, забележана е „позитивна насока на опаѓање на тензиите меѓу етничките заедници во земјата“. Исто така, и дека „пријателствата меѓу етникумите се зголемуваат, дури и предрасудите се помали во споредба со резултатите од претходните испитувања“. Повеќето испитаници сметаат дека „меѓуетничките односи не се влошени во 2009 година и оти не очекуваат ниту во иднина да се влошат“.

Универзитетската прoфесорка по политички науки Мирјана Малеска, како дел од тој истражувачки тим, се осврнува на доминантните одговори на анкетираните: - „Имаше повеќе прашања, како на пример: ‘Дали имате пријатели од друга етничка заедница?’. Мнозинството одговорија: ‘Да.’; ‘Дали одите и пазарувате во дуќани на луѓе од други етнички заедници?’. Мнозинството и овде одговорија: ‘Да’. За заедничко живеење се неопходни искреност, отвореност и волја за тоа. Но, потребна е и заедничка работа врз сите оние проекти, кои водат во насока на тоа да се сретнеме во други улоги, каде што етничката припадност и етничките карактеристики нема да бидат толку важни.“

Попрецизно, поглавјето за меѓуетничките односи на „Граѓански заснованите анализи“ покажа дека речиси три четвртини, односно, 71 отсто од испитаниците, купуваат често во продавници кои се во сопственост на луѓе од друга етничка заедница. Околу половина од нив одат често во ресторани или кафе барови во сопственост на лица од различна етничка група. Во Полог, односно во тетовско-гостиварскиот регион, каде што мнозинството се Албанци, речиси една третина имаат деловни односи со членови на друга етничка група.

„Ситуацијата на теренот не е сензибилизирана меѓуетнички“

Башким Бакиу, аналитичар на јавните политики и меѓуетничките односи во Центарот за истражување и создавање политики од Скопје, истакнува: „Не би рекол дека е се‘ црно во меѓуетничките односи во Македонија. Реалната ситуација меѓу граѓаните не е таква, бидејќи, сепак, постои почит меѓу Македонците и Албанците. Ако појдете на пазар, ќе видите дека

Mazedonien Land und Leute Tetovo

Повеќето испитаници сметаат дека меѓуетничките односи не се влошени во 2009 година

Албанецот купува кај Македонецот, а Македонецот кај Албанецот. Ако ги прашувате индивидуално, дали Македонецот има пријатели меѓу Албанците, а Албанецот кај Македонците, сите ќе ви кажат: ‘Да.’ Во етнички мешаните средини, кадешто луѓето веќе живеат заедно, нема етничка поларизација. Можеби тоа постои во оние средини, каде што нема никаков допир меѓу македонскиот и албанскиот етникум. Ситуацијата на теренот не е толку сензибилизирана. Но, штом постои соработка на ниво на припадници на различни етнички заедници, потребно е тоа да се развие во многу поголема мера и на ниво меѓу цели етникуми.“

Осврнувајќи се на „дијагнозата“ во меѓуетничките односи во земјата врз основа на споменатата анализа, професорката Малеска го кажа и следново при нејзината промоција: -„Ситуацијата станува посложена и позаострена, кога станува збор за тоа како меѓуетничките односи се прекршуваат на рамниште на политичките елити. Меѓуетничките конфликти во мултиетничките држави се борба за прераспределба на општествената и економската моќ во општеството. Како принципи за таква прераспределба во македонското мултиетничко општество Охридскиот рамковен договор со помош на меѓународната заедница ги воспостави: праведната застапеност, правото на вето, децентрализацијата на власта, уставните гаранции на овие принципи, пропорционалниот изборен систем. Мое мислење е, како што покажуваат и резултатите од анализата, дека сето ова ги унапреди меѓуетничките односи во Македонија.“

Пријателствата не се правило, туку исклучок

Жидас Даскаловски, политички експерт од споменатиот центар, како еден од истражувачите во анализата за меѓуетничките односи, во овој поглед го изнесува за Дојче Веле и следното мислење:

Tetovo, Mazedonien

Поларизација има во средините кадешто нема никаков допир меѓу македонскиот и албанскиот етникум

„Македонците и Албанците сега живеат како што и живееле од порано: секогаш соработувале во сферата на бизнисот, економијата, во трговијата, на заедничките проекти што ги имаат, било в село, било в град. Поелитните слоеви соработувале во сферата на уметноста, културата и музиката. Македонците и Албанците заедно работат сега и во институциите од јавен карактер. Тука се раѓале пријателства, се создава поврзаност, еден заемен однос. Сепак, тоа не е правило, туку исклучок. Оваа интеретничка соработка е сосема нормална за вакви општества, какво што е македонското, во кои има различни етнички заедници со свои интереси, со специфични култури и религии.“

Бакиу, сепак, предупредува: „ Сегрегирањата ги предизвикуваат политиките било на централно, било на локално ниво, кои ги промовираат и македонските и албанските партии. Со тие политики, насочени само кон една етничка заедница, некогаш ситуацијата може да ескалира толку што одредена друга етничка заедница може да се чувствува испровоцирана, индиферентна, или незастапена. Политичките партии, креаторите на политиката, знаат да промовираат политики и проекти, со коишто се провоцира едната, или другата страна. Или, пак, да донесуваат одлуки, програми, политики, кои доведуваат повеќе до сегрегација, отколку до заеднички живот и до толеранција. Многу големи и негативни ефекти имаат проектите на централно ниво, каков што е особено ‘Скопје 2014’.“

На наредната страница: Политичарите си тераат по свое