1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Нејасен исход на парламентарните избори во Украина

Централната изборна комисија во Киев утринава најави први прелиминарни резултати дури утре, бидејќи се појавиле потешкотии во пребројувањето на гласовите.

Претседателот Виктор Јушченко со семејството на вчерашните избори

Претседателот Виктор Јушченко со семејството на вчерашните избори

Според анкетите на избирачите на денот на изборите најголеми шанси за победа има проруската Партија на регионите на поранешниот премиер Виктор Јанукович. Германската новинска агенција ДПА, меѓутоа, повикувајќи се на првични трендови во пребројувањето јавува дека најголем број гласови освоила партијата на поранешната премиерка Јулија Тимошенко, која му припаѓа на блокот што ја спроведе портокаловата револуција пред 14 месеци.

Според информации од изборниот табор на актуелниот Претседател на државата Виктор Јушченко, неговата партија „Наша Украина„ е подготвена на создавање владина коалиција со Изборниот блок на поранешната премиерка Јулија Тимошенко. Таа според првичните резултати освоила речиси 29% од гласовите, додека „Наша Украина„ добила само 20%. Шефот на изборниот штаб на Наша Украина, Роман Бесмртни, порача дека во рамките на таквбата коалиција кандидатот за премиер ќе го даде партијата со најмногу гласови, а тоа би бил Изборниот блок на Јулија Тимошенко. Таа во првичната изјава за украинската телевизија веќе нагласи дека претендира на премиерската функција. Трет потенцијален партнер во коалиционата влада на блокот на „портокаловата револуција„ би биле социјалистите, при што трите партии би имале мнозинство од 255, од вкупно 450 места во Парламентот. Проруската партија на Виктор Јанукович со најверојатниот сојузник, Партијата на комунистите, би располагала со 195 пратенички мандати.

Овие резултати меѓутоа можат уште суштински да се изменат, бидејќи расположението кон лидерите на портокаловата револуција е многу различно во разните региони на Украина. Ова беше прв тест на нивната популарност по доаѓањето на власт пред 14 месеци. По повеќенеделни улични протести беа повторени претседателските избори, на кои тогаш победи Виктор Јушченко со поддршка на Јулија Тимошенко. Таа беше именувана за премиер на првата влада, но по меѓусебните обвинувања за корумпираност меѓу партиите од блокот на портокаловата револуција таа беше разрешена од должноста. Ваквите конфликти, како и успорениот стопански развој сериозно го нарушија угледот на актуелниот Претседател Виктор Јушченко, чија партија на вчерашните избори доби тешка шлаканица од избирачите.

Еу има намера да ја продолжи соработката со Украина дури и доколку како победник од нејасната ситуација по изборите излезе лидерот на проруската Партија на регионите, Виктор Јанукович – порача евро-комесарката за надворешна политика Бенита фереро Валднер. Таа појасни дека при неодамнешната посета на Украина заклучила дека и Јанукович се залага за посилно поврзување на Украина со ЕУ. Тоа што тој најавува и потесна соработка со Русија не мора да биде проблем. Едното не го исклучува другото, Русија и Европа се големи соседи на Украина и можат одлично да се надополнуваат, порача Фереро Валднер во изјавата за денешното издание на весникот „Ди Велт„.