1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нечовечкото лице на Европа

Бернд Ригерт / Б. Георгиевски21 септември 2015

На повеќе места во Европа во моментов се одвиваат нечовечки сцени. Бегалските семејства не знаат како понатаму. Тоа во Хрватска го доживеа и репортерот на ДВ, Бернд Ригерт.

https://p.dw.com/p/1GZb5
Фотографија: Reuters/A. Bronic

„Зошто ни го правите ова?“ Тоа е прашањето кое си го поставува еден млад Сириец во местото Товарник. Заедно со мајката и двете сестри, преку Турција, Грција, Македонија и Србија, стигнал до Хрватска. Сега седи покрај патот на 40 степени под сенка, со малку вода, храна, без тоалет и пред сѐ: без информации за тоа како понатаму. Хрватските власти со денови држеа илјадници бегалци во нечовечки услови во неизвесност. Помош им пружаат само десетина доброволци, меѓу нив и една спонтано организирана Фејсбук-група од Минхен, како и неколку жители на Товарник.

Дали понатаму да се оди со воз, автобус или пеш на своја рака? Никој не знае. Одеднаш, стигнува веста дека автобусите возат кон Унгарија. Или Словенија? Луѓето се исцрпени, валкани. Децата плачат, жените се јадосуваат, условите се неверојатни. Немоќни полицајци кои прават се‘ за да не мораат да употребат насилство. Немаат јасни инструкции како да се однесуваат. Полицијата и бегалците ја делат водата од едно црево за наводнување кое служи како извор. Хрватската држава капитулираше. Азил нема. Наместо тоа, бегалците се истоваруваат на унгарската или словенечката граница што не е никакво политичко решение и води кон тензии со соседите. Бегалците тие тензии не ги интересираат, тие само сакаат да побегнат оттука.

Луѓето како политички пиони

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт

Кога младиот Сириец слушна дека сега треба да биде упатен кон Унгарија, дека заедно со семејството станал предмет на препукувања меѓу балканските држави, солзи му доаѓаат на очите. „Зошто го прават ова со нас?“, постојано се прашува. Не можам да им одговорам на тоа прашање, исто како ни службеничката на УНХЦР или болничарката на Црвениот крст. Бегалците со часови стојат, се туркаат во паничен страв дека нема да добијат место во некој од автобусите или во единствениот воз кој ја напушта станицата во Товарник. Тој се уште има пари, може да купи карта за натаму, очајно објаснува младиот Сириец. Вели дека не бара ништо од Србите, Хрватите, Словенците или Унгарците, само сака натаму, кон Германија или Холандија.

Дали е тоа воопшто Европа?

Недоследноста на европските политичари, поместувањето на бегалските рути, игнорирањето на сите европски правила, сето тоа не можам да му го објаснам на младиот човек. Не сум сигурен дека кој било може. Немоќен сум. Условите тука во Товарник немаат веќе врска со човечноста. На Европа и‘ е под итно потребно решение бидејќи од Србија доаѓаат нови реки луѓе. Илјадници се на пат преку балканската рута. „Зошто ни го правите ова? Ние не сме животни“, вели едно момче додека ја турка својата мајка во редот во кој чекаат исцрпени луѓе. Товарник е само еден од многуте диви логори кои во меѓувреме никнаа ширум Европа: Кос, Кале, Брисел, Берлин... Тоа е срам. Дали е се‘ уште мојата земја Европа?