1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Неуспешен обид за атентат врз Ахмед Доган во преполна сала

Октај Енимехмедов од Бургас се обиде да изврши атентат врз претседателот на бугарската центристичка партија Движење за права и слободи, Ахмед Доган. Инцидентот се случи на бината на 8-от партиски конгрес.

default

Ахмед Доган

Дваесет и пет годишниот напаѓач бил регистриран како делегат од Бургас на партискиот конгрес. Полицијата кај него освен пиштол на гас пронашла и два ножа. Енимехмедов имал криминално однесување и во минатото, а во полицијата е регистриран за дела како хулиганство, телесни повреди и грабеж.

Во моментот кога партискиот лидер Доган го започна читањето на извештајот пред партиските лидери и странските гости, на бината се качи напаѓачот вперувајќи мал црн пиштол кон главата на Доган. Во тој момент пиштолот се заглави, а Доган успеа да го оттурне напаѓачот, кој не успеа да го изврши нападот и од втор обид. Обезбедувањето и дел од гостите го соборија напаѓачот на земја, а дел од делегатите и го нападнаа со клоци и тупаници.

Лидерот на Движењето за права и слободи е прегледан од медицински екипи и е во добра здравствена состојба. Осмиот партиски конгрес е прекинат и треба да продолжи во 15 часот.

Партијата укажува на редовен вербален напад

„Не знам кој е нарачателот на нападот против лидерот на ДПС Ахмед Доган, но нема сомневање дека вистинскиот нарачател е токму јазикот на омразата, на конфронтацијата, на анти-ДСС агресијата во бугарското општество“, рече заменик-претседателот на Движењето за права и слободи Љотви Местан. Тој нагласи дека овој обид за атентат не е само врз лидерот на партијата, кој 28 години ја претставува заедничката волја на над еден милион бугарски државјани.

Ahmed Dogan 2005

Ахмед Доган го претставува турското малцинство во Бугарија

Тој ги повика европските и светски лидери да го гарантираат правото на политичките, етничките и религиозни групи да имаат свое присуство во политичкиот, социјалниот и културниот живот на секоја држава, па и во Бугарија.

„Од денеска Бугарија не е иста, откако пред очите на цела Бугарија се направи обид за атентат врз лидерот Ахмед Доган“, изјави Местан, додавајќи дека членовите на партијата се „сведоци на политиката на омраза, агресија и сатанизирање во Бугарија“.

Кирјаз: овој настан да ги освести популистите во регионот

За мотивите за нападот засега нема информации. Сведок на нападот беше и Емил Кирјаз од Македонија, кој на конгресот е во својство на генерален секретар на Либералната интернационала. ДПС е полноправен нејзин член.

„Седев во првиот ред до раководството на партијата. Се’ се одвиваше на неколку метри пред мене. Се’ уште не ми се верува каква лична и национална трагедија беше избегната“, вели Кирјаз во изјавата за Дојче веле.

„Шокантен обид за политичко убиство, кое отвора, сега јавно, многу прашања околу состојбите во Бугарија и правецот во кој земјата се движи. Несфатлив е пропустот на безбедносните служби и националното разузнавање. Овој настан треба да ги освести оние политички сили, оние популисти во регионот, кои веруваат дека острата конфронтација може да води кон развој и прогрес. Одговорноста е пред се’ на властите, бидејќи тие ги имаат сите средства на располагање, или барем би требало да биде така“, вели Кирјаз за Дојче веле.