1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Неуспех на американскиот Самит

Самитот на државите од Јужна и Северна Америка заврши со неуспех, откако државите не успеаја да постигнат консензус за клучните проблеми.

Несогласувањата околу Куба го блокираа донесувањето на заедничка декларација на самитот на лидерите од Северна и Јужна Америка, кој заврши во Колумбија. Наспроти противењето на САД и Канада во иднина да се повикува Куба, мнозинството држави побараа прекин на санкциите кон комунистичката држава.

Големото мнозинство држави-учеснички на самитот инсистираат во иднина и Куба да биде присутна на собирите од овој тип, но наишле на противење од САД и Канада. Американскиот претседател Барак Обама ја правдаше блокадата на Куба со непостоењето демократија на комунистичкиот карипски остров. Сличен епилог имаше и претходниот самит одржан во 2009-та година во Тринидад.

Недоразбирања на самитот се јавиле и околу претензиите на Аргентина кон Фолкландските острови. Мнозинството земји побарале проблемот да се реши преку дијалог, додека САД се изјасниле за неутрални во спорот.

Третата точка околу која земјите не успеале да најдат решение била борбата против недозволената трговија со дрога. Повеќе држави предводени од Гватемала побарале декриминализација на одредени лесни видови дрога, за да се олесни борбата против трговците со наркотици, која предизвикува хаос во Централна Америка. САД се спротивставиле на оваа иницијатива.