1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Нетанјаху бара „црвени линии“ за Иран

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху се заложи за „јасни црвени линии“ против иранската атомска програма. Во поинаков случај Техеран ќе произведе нуклеарно оружје и ќе претставува закана за Израел.

Нема поголема закана за светот отколку еден нуклеарно вооружен Иран, изјави израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху пред Генералното собрание на ОН во Њујорк. Израел чувствува дека со иранската атомска програма е загрозена егзистенцијата на државата. „Покажете му на Иран јасна црвена линија“, се заложи Нетанјаху пред меѓународната заедница и пред се’ најголемиот сојузник САД: „Конечно е време!“, смета израелскиот политичар. Долгогодишните преговори со владата во Техеран не донеле ништо. Иако санкциите му нанесоа економска штета на Иран, „тие не можеа да ја сопрат неговата атомска програма“, подвлече Нетанјаху. 

Лекција со црвен фломастер

„Јас ќе ви покажам - ова овде е значи една бомба“ рече израелскиот премиер и среде говорот извади графика нацртана на голем картон. Тој на изненадените дипломати присутни на Генералното собрание им презентираше цртеж со бомба со фитил - една атомска бомба, на која според зборовите на Нетанјаху Иран работел во моментов.

Првиот од трите чекори Иран веќе го реализирашe, вториот е во тек: „Наредната пролет или лето Иран ќе го заврши облагодорувањето ураниум за првата бомба“. Токму тоа сакал Израел да го спречи: „Мораме да покажеме црвени линии при облагодорувањето ураниум од страна на Иран“, изјави Нетанјаху и нацрта дебела линија со црвен фломастер.

Индиректни закани со напад

Зошто за него е клучно облагодорувањето ураниум, Нетанхјаху образложи: збогатувањето ураниум се врши во големи постројки и би можело да биде „лоцирано“, значи би можело да се погоди со воени средства. Мала работилница, во која на пример се монтира фитилот  напротив, „тешко може да се најде во една земја, која е колку половина Европа“. Ако се постават црвени линии тоа ќе го принуди Иран да сврти од курсот, уверен е Нетанјаху. „Тогаш ќе имаме повеќе време за дипломатија“.

Петте вето сили во Советот за безбедност на ОН, Кина, Франција, Велика Британија, САД и Русија, како и Германија, имаат намера повторно да ги зајакнат напорите за мирно решение на атомскиот конфликт. На средба на маргините на Генералното собрание, според извори од учесниците на неа, била постигната согласност, дека и’ натаму треба да се работи на дипломатско решение.

Германскиот министер за надворешни работи Гидо Вестервеле по говорот на Нетанјаху изјави дека Германија ја споделува загриженоста на Израел. Нуклеарно вооружување на Иран не е прифатливо. „Сакаме дипломатско решение, тоа се’ уште е можно“. Не смее да се игра на карта време, ја предупреди Вестервеле иранската влада.