1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Несреќен склоп на околности за Македонија!

Либералот и пратеник во Бундестагот, Оливер Лукшиц, смета дека Македонија e неправедно потисната назад на патот кон ЕУ. Потребни се прагматични, јасни услови, чие исполнување би значеле деблокирање, вели тој.

default

Оливер Лукшиц

„Во суштина, Македонија е во тешка ситуација! Ќе биде претркана и од Црна Гора и неправедно потисната наназад со отворањето на нивните пристапни преговори. Исто така е жртва и на државниот финансиски колапс на Грција. Кога не би ја имало кризата, претопоставувам дека грчката влада би била  повеќе подготвена за компромис. Сега, поради целата ситуација, владата нема простор за политички маневри, зашто и онака и‘ се префрла дека со Грција сега се владее од Европа и од надвор. Значи,станува збор за многу несреќен склоп на околности за Македонија, но сепак се надевам дека ќе има некакво подобрување, зашто на Македонија и‘ е потребна европската преспектива“, оцени за македонската програма на Дојче Веле Оливер Лукшиц, пратеник во Бундестагот од партијата на Либералите.

Според него, извештајот на Европската Комисија покажал дека Македонија  остварила напредок во политичките критериуми. И покрај забелешките на опозицијата, оценката на ОБСЕ потврдила дека изборите минале според сите критериуми. Се работи и во сферата на администрацијата и судството, иако е потребен уште поголем ангажман. Инаку, Лукшиц ја фали и релативно стабилната економија и констатира дека „Македонија е на добар пат, иако се’ уште не е онаму каде што посакува“.

Критично расположение!

И покрај ваквите оценки, меѓутоа, земјата, трета година по ред, останува без датум за старт на пристапните  преговори. Де факто, главниот проблем е спорот со името и Грција.

Nikola Gruevski und Stefan Füle in Brüssel

Комисијата се‘ уште скептична - Штефан Филе и Никола Груевски

Дали навистина  Грција има толкава моќ во Унијата или  ЕУ едноставно не е веќе заинтересирана ни за натамошни проширувања, а уште помалку за Македонија? Лукшиц е убеден дека  ЕУ има интерес да ги поддржи европските перспективи на Балканот што потврдуваат и позитивните оценки за Србија и  Црна Гора. Факт е, меѓутоа,  дека кај земјите членки  расположението е критично, пред се’ заради настанатата финансиска криза. Лукшиц стравува дека земјите членки повеќе се зафатени со размислувања за кризата и  приоритетите кои таа ги наметна, отколку за проширувањето. Затоа, за оваа тема,  според него, ќе мора уште поофанзивно да се дискутира во рамките на  Европскиот совет.

Јасни услови за деблокада!

Но, што е со  блокирањето на Македонија? Не  може ли Европа да притисне врз Грција и Македонија да добие датум за преговори, а решавањето на спорот да се турка на паралелен колосек? Лукшиц вели:

Bundestag Debatte Euro-Rettungsschirm Schuldenkrise Krise

Либералите не можат да направат повеќе во Бундестагот, вели Лукшиц

„Ќе биде напнато! Го имаме проблемoт со регулативата, според која за секоја одлука зелено светло мора да даде секоја од земјите членки. Особено кога е во прашање проширувањето. Ист случај има и кај Србија, иако во суштина е различен. Заедничка е темата: соседството!  Сегашната состојба со регулативата покажува дека во одредени ситуации  таа може да ги блокора процесите. Но, таа е таква и според мене излезот мора да се бара во прагматични решенија. Значи,  не смее да се наметнуваат нови и нови  неостварливи  услови. Тие мора да бидат едноставни и Грција да каже  што уште треба да се направи за да се одблокира пристапниот процес на Македонија“, коментира Оливер Лукшиц.

На прашaњето дали либералите ова прашање можат да го актуелизираат во Бундестагот – да се притисне врз Грција и да се одблокира Македонија, тој одговара:

„Проблемот е што мојата фракција, либералите, и онака се многу критични кога е во прашање помошта за Грција. Кога би ја придодале и Македонија, тоа уште би бил дополнителен притисок. Повеќе од она што сега го правиме мислам  дека не можеме“, изјави Оливер Лукшиц, според кого, кога станува збор за проширувањето, либералите се многу попозитивно настроени кон Македонија,  отколку кон Србија, која се’ уште има големи проблеми на границата кон  Косово.

 

Автор: Силвера Падори-Кленке
 

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска