1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Несреќа на митингот на владеjачката ерменска партија

Сто четириесет и четири лица со изгореници - тоа е епилогот од експлозијата на балони полни со хелиум, што се случи за време на концерт организиран од страна на владеjачката партија во ерменскиот главен град Ереван.

Несреќата се случи на главниот Републички плоштад во Ереван, каде пред утрешните (06.05) парламентарни избори митинг одржуваше Републиканската партија на претседателот Серж Саркисиан. Во еден момент, стотици промотивни бели балони експлодираа, по што пламени јазици почнаа да се креваат кон небото, а меѓу симпатизерите на партијата настана хаос. Во хаосот луѓето врескаа од збунетост и гнев. Видео снимките покажаа долг пламен во средината на насобраниот народ.

„Балоните експлодираа и ги зафати пламен, откако луѓето што ги држеа балоните ги пуштија од рацете во воздух“, рече еден сведок на несреќата.

„Слушнав експлозија и видов пламени јазици нагоре. Луѓето трчаа на сите страни од плоштадот и видов маж со изгорено лице, како и девојка чиј грб беше во пламен“, рече 30-годишната Сузан, која исто така е сведок на несреќата.

Не е јасно што ги предизвика експлозиите на балоните, иако полицијата рече дека разгледува неколку потенцијални причини, вклучувајќи и несоодветно сладирање на запаливи супстанци. Дел од локалните медиуми известуваат дека причинител на експлозијата била цигара.

Luftballons explodieren bei Kundgebung in Armenien

По експлозијата на балоните настана хаос во публиката

„Сите жртви имаат или средни, или лесни изгореници. Сега докторите се обидуваат да ги стабилизираат од шокот“, рече министерот за здравство Харутиун Кушкиан. Тој додаде дека има многу повредени во хаосот по несреќата, кога луѓето се обидувале да побегнат.

Промотивните балони беа испишани со изборниот слоган на партијата „Ајде да веруваме во промени“. Претседателот Саркисиан вети целосна истрага за несреќата.

„Ги повикувам сите да останат смирени. Ајде да се молиме за жртвите. Јас им посакувам брзо опоравување“, рече тој во изјавата по инцидентот.

Партијата на Саркисиан води во анкетите на јавното мислење и поради тоа се очекува да триумфира на утрешните избори. Гласањето ќе биде најголем тест за демократските капацитети на поранешната советска земја, по спорните претседателски избори во 2008-ма, кои завршија со крвави судири меѓу полицијата и поддржувачите на опозицијата. Тогаш 10 лица загинаа, а сето тоа фрли сенка врз администрацијата на Саркисиан.