1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Неспортски испади го засенија спортското во Бундеслигата

Сезоната во зимските спортови во полн ек, денеска започнува и светското ракометно првенство за жени

Помош за повреденит Лаас

Помош за повреденит Лаас

Актерите во фудбалот – на теренот и на трибините, во 15-то коло се прикажаа од неубавата страна. Шокантни слики пред се’ од стадионот во Хамбург: играчот на Хамбургер Александер Лаас беше погоден в лице со предмет фрлен од трибината каде беа навивачите на Келн и падна облеан со крв. „Тогаш долета нешто и веднаш осетив – силно ме заболе, погледав на рацете и видов крв, дури потоа паднав“ – опиша повредениот Лаас. Сторителот подоцна самиот се пријавил.

На истиот натпревар играчот на гостинскиот тим и репрезентативец на Турција Алпај намерно со лакт удри противнички играч. Судијата не го виде тој момент, но го регистрираа камерите. Алпај го очекува казна, веројатно потешка бидејќи беше актер и во инцидентите по плеј-оф средбата Турција – Швајцарија за учество на светското првенство.

Во Менхенгладбах играчот на Нирнберг Штефан Кислинг падна во бесознание по дуел со Штрасер, а кога беше изнесуван од теренот, од трибините полетаа предмети фрлени кон него. Штрасер се обиде да ги смири навивачите, а во соблекувалната му се извини на Кислинг за ненамерниот удар.

Играчот на Баерн Себастијан Дајслер доби црвен картон поради удирање противнички играч одзади на средбата во Штутгарт. „Јасно е –замавнав малку. Тоа беше моја грешка, иако всушност воопшто и не го удрив, а тој театрално падна, публиката врескаше. Но, на крајот на краиштата, такво нешто мене не смее да ми се случи“ – покајнички призна репрезентативецот од Баерн.

На 187 денови пред почетокот на светското фудбалско првенство, луѓето од Организациониот комитет се алармирани. Волфганг Нирсбах сепак смирено анализира, најавувавајќи истовремено и први консеквенции: „Нема потреба од паника. Поради поединечни случаи не треба да ја менуваме целата концепција и да ја отфрлиме нашата филозофија. Во Организациониот комитет дискутиравме за тоа дали да ги тргнеме заштитните мрежи зад головите. По овој инцидент тоа веќе не можеме да си го дозволиме“.

„На фудбалски терен сме,а не на бојно поле“ – вели за инцидентите тренерот на Келн Уве Раполдер. Притисокот врз него натамошно ќе се зголеми по поразот на Келн од Хамбургер со 3 спрема 1. За Хамбургер тоа беше 600-та победа во досегашните настапи Бундеслигата.

Дербито Штутгарт – Баерн помина под знакот на доминација на домаќинот, што не беше доволно за победа – средбата заврши 0 спрема 0. „Во секој случај сме задоволни со еден бод, зашто поголем дел од натпреварот по исклучувањето на Дајслер игравме со човек помалку на теренот“ – рече тренерот на Баерн Феликс Магат. Баерн води на табелата со 38 бодови, 4 повеќе од Хамбургер.

Вердер го совлада Дуизбург со 2 спрема 0, и е на трето место со 32 бода. „Играчите на Дуизбург ни приредија многу проблеми и прикажаа многу добра игра“ – искрено призна Нелсон Валдез, стрелец на првиот гол за Вердер. „Денеска имавме толку многу шанси, колку во сите други натпревари на гостувањата заедно – но не постигнавме гол“ – жали тренерот на Дуизбург Норберт Маер.

Шалке како гостин во Билефелд ја совлада Арминија со 1 спрема нула и е на четвртата позиција со 4 бодови зад Вердер. „Победата во Билефелд е добар знак, зашто овде не победуваат многу тимови. Сега можеме во мир да размислуваме како да победиме во вторник во Милано“ – вели тренерот Ралф Рангник, имајќи ја предвид клучната средба за натамошно учество на Шалке во Лигата на шампионите.

Победи остварија уште три гостински екипи: Херта Берлин во Леверкузен славеше успех против Баер со 2 спрема 1, Хановер по 41 година конечно оствари победа во Дортмунд против Борусија со 2 спрема 0, а Нирнберг во Менхенгладбах ја совлада тамошната Борусија со 1 спрема 0 - тоа е веќе втора победа на Нирнберг во три натпревари со новиот тренер Ханс Маер.

Најубедлива во ова коло беше екипата на Мајнц, која го победи Волсфбург со 5 спрема 1, иако по брзото водство на домаќинот во третата минута Волфсбург во истата изедначи. Но, тоа не ги деморализира македонскиот интернационалец Новески и неговите соиграчи. Дното изгледа вака: Мајнц и Ајнтрахт имаат по 15 бодови, Нирнберг со 12 е на 15-то место, Келн зад него со бод помалку, а на последните две места се Дуизбург и Кајзерслаутерн со по 9 бодови.

Средбата Кајзерслаутерн – Ајнтрахт е одложена за 14-ти декември, поради откриени пукнатини во покривната конструкција на стадионот. Утре, пак, ќе се одигра натпреварот Дуизбург – Келн од 14-тото коло, кој беше одложен поради снежното невреме.

Од меѓународните фудбалски занимливости внимание привлекува веста од Мадрид: Реал го отпушти бразилскиот тренер Вандерлеј Лушембурго и тимот привремено ќе го води Хуан Рамон Лопес Каро, досега тренер на Б-тимот на Реал.

Од другите спортови:

Алпските скијачи со на американскиот континент. Сезоната е во полн ек, паралелно со собирање бодови во светскиот куп се дозира формата и за претстојната зимска олимпијада.

Во супервелеслаломот во канадскиот центар Лејк Луис тројна победа на Австријките: Мајсницер прва, зад неа Фишбахер и Дорфмајстер. Германката Мартина Ертл-Ренц го освои четвртото место.

Мажите возеа слалом во во Бивер Крик во САД. Победи Италијанецот Џорџо Рока, пред Тисо од Франција и Американецот Лајџети. Германскиот претставник, 21-годишниот Феликс Нојројтер, ја исполни првата половина од олимписката норма освојувајќи го 11-тото место со извонредното второ возење, откако по првото беше на 28-ма позиција.

Во велеслалом, исто така во Бивер Крик, прва победа во новата сезона на Бади Милер, минатогодишниот севкупен победник во Светскиот куп, и покрај два критични момента за него. „Беше само прашање на волја. На 4 врати пред целта за малку ќе излетав и ја принудив скијата сепак да го фати свиокот. Знаете, се’ што треба по некогаш е малку магија“ – рече Милер, кој зад себе ги остави сонародникот Релвс и Финецот Паландер.

29-годишната Германка Регина Халмих во Магдебург ја одбрани титулата светска првенка во бокс во мува категорија со победата на поени над Американката Елена Рид. „Оваа победа е особено вредна, бидејќи едноставно многумина веќе не веруваа во мене, но едноставно најважна е самодовербата“. Халмих алудира на претходниот дуел со истата противничка, кој заврши нерешено, а многумина сметаа дека Рид заслужи победа. Тоа беше 39-та победа во 41-та борба на Халмих, која доживеа само еден пораз.

Хрватска за прв пат го освои Девис-купот во тенис. Во финалето хрватските тенисери ги совладаа претставниците на Словачка со 3 спрема 2. Хрватскиот тренер Никола Пилиќ е прв во историјата кој со селекции на две земји победи во најзначајното екипно натпреварување во машка конкуренција: тој во 1988, 89 и 93-та го освои Девис-купот со германската селекција.

Денеска во рускиот град Санкт Петерсбург започнува светското првенство во ракомет за жени. Германија во Ц-групата игра против Полска. На првенството учествува и Македонија, која вечер се среќава со Франција, бранител на титулата од претходното првенство.