1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Неспорна е европската иднина на Македонија

Францускиот амбасадор во Скопје Бернар Валеро истакнува дека Европа очекува позитивна динамика во преговорите за спорот со името. Лидерот на ДУИ Али Ахмети: го поддржуваме уставното име на Македонија.

default

Тетово: францускиот амбасадор Валеро отвори објект на француска банка

„Неспорна е европската иднина на Македонија. Европа очекува позитивна динамика во преговорите за нејзиното име, што претставува прашање меѓу Атина и Скопје“ – изјави синоќа за Дојче Веле во Тетово францускиот амбасадор Бернар Валеро при отворањето објект на француската банкарска групација „Сосиете женерал“, застапувана преку Охридска банка.

Тој нагласи: „Верувам дека никој не ја оспорува таа иднина, туку, напротив, постои многу општ,широк консензус за европската перспектива на Македонија, тоа воопшто не е дискутабилно“.

Според Валеро, „тоа е проблем меѓу Атина и Скопје“. Тој додаде: „Ние, кога велам ’ние’, тука зборувам во име на Французите, но и на сите Европејци, искрено се надеваме дека преговорите ќе влезат во една позитивна динамика“.

ДУИ не ја условува поддршката за уставното име на Македонија со признавањето на Косово

Али Ахмети, лидерот на Демократската унија за интеграција, кој беше во придружба на францускиот амбасадор, за ставот на неговата партија за преговорите за името на земјата изјави: „Ние го поддржувавме, а и сега го поддржуваме уставното име на Македонија“.

Ali Ahmeti, Mazedonien

Али Ахмети: ДУИ е за уставното име

Дали се очекува признавање на независноста на Косово, како компензација за таа поддршка? Ахмети истакна: „Мислам дека е нечесна работа, ако се условува поддршката за името на Македонија со нешто друго“.

Лидерот на „интегративците“ за дилемата која ја изнесуваат одделни политичари и аналитичари – Албанци дека припадниците на оваа етничка заедница во земјата, наводно, „можеби ќе преземат порадикални чекори ако Македонија не влезе во Европската Унија и во НАТО рече:

„Албанците, пред се‘, овде ја имаат својата земја и својата иднина ја градат во оваа земја. Ние ќе ги направиме сите напори да бидеме во чекор со времето и сите спорни проблеми да се решат согласно со волјата на мнозинството на граѓаните “.

Грција да работи на добрососедството

Али Ахмети им упати порака на Република Грција и на шефицата на нејзината дипломатија Дора Бакојани:

„Мислам дека треба да бидат во служба на добрососедството, мирот и стабилноста. Грција е членка на НАТО и Европската Унија и јас очекувам таа да ни помогне во евроинтеграционите процеси“.

Али Ахмети вчера упати повик до инвеститорите од Франција и други земји да вложуваат во Македонија во отворањето нови стопански капацитети и нови работни места, „за што ќе ја имаат максималната поддршка на Македонија“.