1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Несогледливи последици за безбедноста на североистокот на Азија

Северна Кореја овој пат не остана само на закани - од изутрината светот знае дека таа и навистина поседува атомско оружје

Тема бр.1 за весниците во Токио

Тема бр.1 за весниците во Токио

Со севернокорејската атомска проба се изиграни на особен начин државите што учествуваат на шестпартитните разговори, пред се’ Кина, која вложи забележителен дипломатски авторитет и сакаше да се профилира како одговорен член на меѓународната заедница. Но, сите предупредувања од Пекинг не можеа да го задржат помалиот брат во Пјонгјанг да не го направи кобниот чекор.

Шестпартитните разговори од самиот почеток страдаат од фундаменталната противречност на интересите на учесниците. За САД и Јапонија е неприфатлива нуклеарно вооружена Северна Кореја. САД ја вбројаа таа држава во „оската на злото“ и се стремат кон промена на режимот. За Кина, како и за Јужна Кореја, нуклеарна Северна Кореја е само втор најлош резултат – тие повеќе од се’ страхуваат од слом на сталинистичката држава на терор, со реки бегалци и непресметлива несигурност. Поради тоа Кина постојано саботира остри резолуции на ОН и одбива санкции.

Притоа, Кина има поголемо влијание врз Северна Кореја од било која друга држава, иако пекиншкото раководство за тоа нерадо зборува гласно. Пролетта 2003-та беше доволен тридневен прекин на кинески дотур на струја за Северна Кореја, за таа да се врати на преговарачка маса. Но, тогаш уште на власт беше старото раководство на чело со Џијанг Цемин. Тој, како и премиерот Жу Ронгѓи не ја скриваше омразата спрема „саканиот водач“ и неговата од глад потресена милитаристичка држава.

Сегашниот кинески претседател Ху Џинтао, напротив, работи за поблиски односи со Пјонгјанг. Гости од Северна Кореја се примаат со највисоки протоколарни почести. Непрекинато се испраќа хуманитарна помош без тегобни услови за Пјонгјанг. Можеби Пекинг ги толерира амбициите на Пјонгјанг со надеж дека така ќе ги врзе амриканските воени сили во реонот на Пацификот.

Но, резултатот од севернокорејскиот нуклеарен тест – трка во нуклеарно вооружување на североистокот на Азија, не би требало да е од интерес за Пекинг. Во Јапонија погласни се гласовите кои зборуваат за градење сопствена бомба. А и Јужна Кореја располага со технологија доволна за производство на нуклеарно оружје. И покрај сите силни зборови од САД дека нема да биде толерирана Северна Кореја со атомско оружје, сепак нема воена опција за да му се избие на Пјонгјанг атомското оружје од раце. Останува само надеж дека во фиоките во Вашингтон има алтернативни планови за ваков случај. Зашто, и кога мора да се прифати дека Северна Кореја го поседува најстрашното оружје, сепак има доволно што да се прави. Пред се’ да се спречи таа да им го даде и на други.