1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Неславно заминување на еден министер

Германскиот министер за земјоделство Фридрих поднесе оставка. Од политичката сцена заминува еден несмасен политичар, кој ни во моментот на поднесувањето оставка не остави добар впечаток, тврдејќи дека постапил исправно.

Политичарот од Христијанско социјалната унија не покажа чувство на вина, пред новинарите изјави дека е уверен оти постапил исправно. Но, политичкиот притисок едноставно бил преголем, додаде тој. Фридрих веќе немал поддршка во политичките кругови, а без поддршка не може да ја извршува како треба својата министерска должност.

Фридрих имаше право во таа проценка. Тој очигледно ја немаше веќе поддршката од канцеларката Меркел, не доби сигнали дека треба и може да сочека да се слегне прашината. На новинарското прашање дали Меркел го смета однесувањето на Фридрих за исправно, владиниот портпарол Штефан Зајберт не можеше да одговори. А понекогаш неодговарањето на прашање всушност е - одговор.

Од другастрана, се чини неспорно дали Фридрих смеел да го информира лидерот на Социјалдемократската партија, Зигмар Габриел, за можната истражна постапка против пратеникот Себастијан Едати. Фридрих тогаш беше министер за внатрешни работи и за сомнението против споменатиот политичар бил информиран од Криминалистичката полиција.

Но, тој натамошно ја проследил информацијата, иако функцијата го обврзува на чување службена тајна. Неговиот став дека тоа го направил поради „политичката димензија“, е неразбирлив. Па, барем на Фридрих требало да му е јасно дека не смее да зборува за скандалот. За опозицијата во Бундестагот ова се разбира беше идеална прилика да побара оставка од министерот, и тоа веднаш. Министер кој не знае да молчи? Неподносливо! Тој не може да остане во владата, а тоа е исправен став.

Кој со кого разговарал?

Deutsche Welle Hintergrund Deutschland Julia Bernstorf für Kommentar

Јулија Бернсторф

Точен е и фактот дека во тоа време беа во тек разговори за формирање на новата владина коалиција. ЦДУ и ЦСУ на една страна, СПД на друга страна. Лесно може да се поверува во добрите намери на Фридрих. Можеби мислел дека оддавањето доверливи информации на идниот партнер во владата, СПД ќе го сфати како позитивен сигнал. Посебно што ни Габриел не молчел, зашто доверливата информација му ја проследил на Томас Оперман, шеф на пратеничката група на СПД во Бундестагот.

Кој што и кому кажал? Засега, верзиите на приказната се разликуваат во зависност од авторот, што на целиот случај му дава дополнителна напнатост. Криминалистичката полиција демантира дека на Оперман му е потврдена информацијата за истрагата против Едати за наводно поседување материјал со детска порнографија. Ако тоа не е така, брзо би можело да се постави прашањето - дали германскиот безбедносен апарат е воопшто способен да задржи нешто за себе?

Државното обвинителство во Хановер, надлежно за случајот Едати, изрази шокираност од начинот на кој протекле информациите. Треба да се сочека дали и против Фридрих ќе биде покрената истрага за оддавање тајна. А би можела да следи и истрага и за тоа кој со кого и кога разговарал за случајот. Истрагата против еден пратеник би можела да се претвори во криза на владата. А тоа сето оди на сметка на Фридрих.

Фридрих е жртвуван?

Поранешниот министер за внатрешни работи во моментите на оставката изгледаше пркосно, на крајот изјави: „Довидување, јас ќе се вратам“. Можеби Фридрих смета дека е жртвуван. За Ангела Меркел неговата оставка е лесно поднослива загуба. Политичарот на ЦСУ одамна го бие глас на несмасен министер, кој често беше предмет на исмевање во јавноста.

Во аферата околу шпионирањето од страна на американската тајна служба НСА, тој во (пре) рана фаза тврдеше дека целата работа е преувеличана. Фридрих се погиржи за иритации и зборувајќи за прашање како доселувањето странци или политиката кон бегалците. По сојузните избори, сепак мораше да се одрече од фотелјата во Министерството за внатрешни работи. Затоа за канцеларката сигурно не беше тешко да донесе одлука да не застане во одбрана на министерот, односно да побара оставка од него.

Но, тоа не значи дека проблемот за канцеларката е решен. Само два месеца по резиборот, прв министер на новата влада поднесува оставка. Меркел немаше „в џеб“ име на наследникот на Фридрих. Државното обвинителство ја продолжува истрагата. Генералниот секретар на Христијанско демократската унија, Таубер, побара од СПД, коалицискиот партнер, да пружи придонес во расветлувањето на политичката афера. Ова барање никого не ќе изненадеше ако стигнеше од опозицијата. Но, од редовите на владејачката коалиција? Тоа нема да остане само ситна гребнатинка на ликот на новата, сѐ уште свежа влада.