1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Неславен почеток на големата офанзива

Катастрофален почеток на најголемата воена офанзива против талибанците во Авганистан од соборувањето на режимот во 2001 година: веќе на вториот ден на акцијата се убиени најмалку дванаесет цивили. Несакано, се вели.

default

Офанзива во Хелманд

Како што соопштија меѓународните заштитни трупи ИСАФ, две ракети испалени врз упоришта на талибанците ја промашиле својата цел и погодиле куќа. Командантот на ИСАФ, Стенли Меккристал се извини кај авганистанскиот претседател Хамид Карзаи: „Жалиме што во текот на нашите заеднички напори животот го загубија невини луѓе“, изјави американскиот генерал. Тој вети дека ќе биде преземено се‘ за да не се повторат вакви инциденти. Меккристал истовремено ја оправда офанзивата како нужен придонес кон повторно воспоставување безбедност и стабилност во јужен Авганистан.

Претседателот на Авганистан Хамид Карзаи на почетокот на воената операција во саботата побара од војниците да бидат внимателни и да не ги загрозуваат цивилите. И ОН апелираа до страните во конфликтот да ги штитат цивилите.

Операција против талибанците и производството на опиум

Со досега најголемата офанзива против талибанците тие треба да бидат протерани од нивното упориште во Марџа и Над Али.

Целта на операцијатата „Муштарак“ е, не само ставање крај на владеењето на талибанците, туку и прекин на производството на опиум во покраината Хелманд. Се проценува дека на тоа подрачје се одгледува афион на површина од 123 илјади хектари, што е во самиот светски врв.

САД ветуваат долгорочна поддршка на Авганистан

Afghanistan Militäroffensive

Во рамките на опeрацијата „Муштарак“ се ангажирани околу 15 илјади странски и авганистански војници. Најголемите контингенти се од САД и Велика Британија. Веќе на првиот ден на акцијата беа убиени двајца војници на ИСАФ, еден американски и еден британски, а според агенциите, кои се повикуваат на извори од НАТО, досега загинале седуммина странски војници.

Американската министерка за надворешни работи Хилари Клинтон и покрај тоа изјави дека САД не се откажуваат и вети долгорочна поддршка на Авганистан: „САД нема да го остават Авганистан на цедило“, изјави Клинтон вчера на американско исламскиот форум во Доха. Вашингтон и по повлекувањето на американските трупи ќе има цивилно присуство и долгорочно партнерство со Кабул. Клинтон потенцираше дека Американците немаат никаков интерес за окупација на Авганистан.

Автор: ЖА/АТ/дпа/афп/ап

Редактор: Александра Трајковска