1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

„Несаканото дете“ го присвојуваат Грците!?

„Карпестите слики“ од периодот на праисторијата во Македонија побудуваат растечки интерес во светската археологија. Ова културно - историско наследство од далечното минато е игнорирано од официјалната македонска наука.

default

Александар Настески во истражување на Маркова карпа на Шар Планина

Машки и женски фигури, вдлабнати полутопки, змии долги по еден и пол метар, стотици крстови, гравури со претстави на божества, риби и многу други знаци се врежани на карпите во пазувите на Шар Планина, во рамничарските предели во Пелагонија, во месноста „Цоцев камен“ во Кратовско, по долината на реката Бабуна, во селата Град, во Делчевско, и Нежилово, во Велешко, но и на целата територија на Македонија. Овие записи на каменот од длабоката праисторија чекаат трпеливо науката со релевантни истражувачки методи, со анализи, како и со прецизни мерења на времето на нивното настанување, да одгатне, колку е можно поверодостојно: кој, кога и зошто ги врежувал? Карпестата уметност на Македонија е предмет на голем научен интерес на реномирани експерти од светот, во странство на научни конгреси и симпозиуми, додека за неа во самата Македонија владее – молк, длабока скепса во научните кругови.

„Без археолошки контекст - цртежите на каменот не се од интерес за науката“

Драги Митревски, професор по праисториска археологија и методологија на археолошките истражувања од археолошкиот институт на Филозофскиот факултет на државниот Универзитет во Скопје е категоричен:

„Првин, треба да се потврди дека тие цртежи се дело на човечкиот ум, дека се човечко искуство и знаење. Тоа можат да бидат најобични зарези на овчарчиња во карпи, или шарања на пустиножителите, кои оставале на карпите некои пораки. Тоа можат да бидат и природни појави, кои ни личат нам на некакви гравири. Ако ние кажеме дека нешто е цртеж од толку и толку илјади години, треба да бидеме во состојба тоа и да го провериме. Значи, треба да постои археолошки контекст: тоа да биде откриено во такви услови, кои ќе говорат за тоа време, за таа култура. Без контекст, тие појави не се од интерес за науката, затоа што не можат да се потврдат, или да се проверат.“

Д-р Митревски го дообјаснува на следниов начин својот став:

„И пештерското сликарство во Алтамира, во Шпанија, или во Ласко, во Франција - најпознатите во светот, да беа откриени на некоја карпа, изолирана, без контекст, немаше да вредат ниту петпари. Тие се вредни затоа што се поврзани со одредени културни слоеви, со одреден објект – со тие пештери и човечкиот материјал во нив. Од она што е непроверливо, науката нема некоја голема корист. Затоа велам дека не постои такво нешто што се нарекува ‘карпеста уметност’ кај нас, јас не знам за тоа.“

Блажо Боев, професор по петрологија - наука за каменестите структури на Рударско - геолошкиот факултет на државниот Универзитет во Штип се занимава повеќе години со карпестата уметност. Обидувајќи се да разграничи што е дело на човечките раце, а што е резултат на природните процеси, д-р Боев, исто така, ја пројавува научната строгост кон временското датирање на записите врз каменот:

„Одредувањето на староста на мотивите, кои се изработени по карпите, е многу тешка работа денес, да не кажам и невозможна – да се датира директно, директно да се мери времето. Во многу случаи тие интервенции на карпите е многу тешко да се разликуваат: дали станува збор за човечки интервенции, или за природни форми на карпите.“

Höhlenkunst in Mazedonien

Знаци и симболи кои треба да се протолкуваат

Голема силина и голем потенцијал во капиталот на карпестата уметност на Македонија, која ја присвојуваат Грците

Што велат оние кои што талкаат ентузијастички со години по беспаќата на Македонија и ги истражуваат гравирите на карпите? За најекспонираниот во оваа сфера, доктор Душко Алексовски од Кратово, професор на државниот универзитет во Штип и раководител на Македонскиот центар за карпеста уметност, не постојат никакви дилеми: според него, „карпестата уметност на Македонија е значајно културно - историско наследство воопшто на човечката цивилизација“.

Алексовски дополнува:

„За време на меѓународни конгреси, за време на меѓународни симпозиуми и конференции ние учествуваме секоја година и тоа е меѓународна верификација за она што ние го зборуваме денес за карпестата уметност во нашата земја. Сето тоа во врска со неа е објавено во меѓународни списанија, редактирани од членови на странски академии.“

Д-р Алексовски укажува и на еден момент особено интересен од сегашен аспект:

„За мене круна на нашите истражувања за карпестата уметност во Македонија, кои беа финансирани во одреден период и од УНЕСКО, е тоа што нашите колеги од оваа област во Грција одлучија мене да ме прогласат за – Грк ! Во сите списанија до се‘ она што се објавуваше за оваа проблематика, без моја дозвола, стоеше ‘Грк’, ‘Грција’. Штом некој се бори да ве присвои, тогаш тоа значи дека има голема силина во она што го работите, оти постои голем потенцијал во тој капитал на карпестата уметност во Македонија.“

Александар Настески, академски сликар и истражувач на карпестата уметност од Тетово, вели:

„Во изминатите седум години на нашите истражувања низ целата држава, на Шар Планина откривме најбогати и највредни наоди од праисторијата: во овој случај не се работи за осамени знаци и гравири, туку за комплетни композиции, наративни композиции со претстави на луѓе, животни и други знаци како симболи. Тие се во исто време и ликовни композиции, едни од најстарите такви воопшто во светот на ликовната уметност. Создавачите на овие композиции на карпите имале и многу смисла за анатомијата на човекот.“

Höhlenkunst in Mazedonien

Претстава на Големиот дух, кај Маркова карпа, Тетовско

Композицијата на „Адам од Пена“ со шесте други придружни ликови и симболи


Членовите на тетовската неформална група за карпеста уметност, сочинета од група ентузијасти од Тетово и Гостивар, ја издвојуваат како „реткост во светски рамки“ композицијата на една од карпите на Шара, која самите ја нарекле симболично „Адам од Пена“. Станува збор за силуета на машка фигура со должина од 120 сантиметри. Над и околу пиктажот на „Адам“ се наоѓаат уште 6 други елементи – ликови и симболи: крст, како симбол за земјата, превртена пирамида, триаголник, круг, што го симболизира сонцето, и змија долга 150 сантиметри, како заеднички симбол за родноста.

По долготрајно проучување и на научни студии за оваа област, Настески заклучува:

„Кога луѓето веќе започнале да живеат надвор од пештерите, тие си направиле свои светилишта надвор од нив – на отворено. Тоа се нивните ритуални карпи, нивните светилишта. Всушност, луѓето правеле ритуали за опстанок. Длабењата и врежувањата на гравирите и пиктажите врз и во карпите на планината, што траело и со денови, биле не само ритуали на тогашните луѓе за да измолат од природните сили опстанок и родност, за себе и за земјата, туку тоа претставувало и процес на создавање уметнички дела со видна естетика и со оригинален и артикулиран израз на луѓето за нивните обреди и верувања.“

Низа научници во светот аналитично и студиозно ја проучуваат оваа праисториска уметност, без запоставување и потценување како што се случува тоа во Македонија. Магистер Лилјана Шаламанов – Коробар, експерт за старото камено доба и виш кустос во Музејот на Македонија во Скопје, смета дека македонската наука мора, конечно, да се зафати со расветлувањето на тајните од досега негибнатите најдлабоки културни хоризонти на својата праисторија, а во кои е создавана и карпестата уметност. Таа нагласува:

„Во светот науката за карпеста уметност е верификувана и таа се наоѓа во рамки на археологијата. Многубројни се семинарите и конгресите на кои истражувачите сериозно се занимаваат со оваа проблематика. Но, археолошката наука во Македонија е скептична кон ова, на кое што се работи во светот и кое е потврдено.“

Шаламанов – Коробар предупредува: „Постојат соодноси, аналогии, поврзувања со кои истражувачите можат да дојдат до одредени резултати и на тој начин да се верификува навистина потеклото на записите на каменот. Кога е материјалот на отворено, кога се работи за одредени цртежи, знаци, маркирања на отворен простор, каде што има ерозија, врнежи, каде што климата влијае многу, потребни се егзактна наука, физичко – хемиски анализи, кои би го потврдиле тоа. Треба да се создаде сигурна поткрепа. Кога би имале кај нас примена на таквите методи, тогаш би можеле многу полесно да застанеме зад оваа наука за карпестата уметност.“

Трагите на карпите, создавани од човечката рака, се споменици од далечното минато и тие даваат драгоцен материјал за социо – културната антропологија и историјата на уметноста во Македонија, со еднаква вредност како и на таквите наоди во другите делови на Европа, во Африка и Азија. Затоа, експертите стануваат се‘ погласни дека поради ова тие заслужуваат да бидат соодветно проучени и растолкувани.

Автор: Свето Тоевски

Редактор: Жана Ацеска