1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Нерегуларни избори или регуларно неизбрани?

Колку и да има забелешки за изборни нерегуларности, со нив не може да се покрие огромниот пораз на опозицијата, велат дел од аналитичарите по вториот круг од локалните избори во Македонија.

Колку општини може да се добијат со изборни нерегуларности? Една, пет десет или 56, колку што освои владејачката ВМРО-ДПМНЕ? Победата на опозицијата во само четири општини го отвора прашањето - дали поразот доаѓа повеќе од внатре, отколу од надвор, од „режимот“, како што опозицијата го нарекува владеењето на Никола Груевски.

Владо Поповски, носител на советничката листа на ВМРО-ДПМНЕ за град Скопје, кој и во мандатите на СДСМ имаше значајни политички функции, причината за дебаклот на опозицијата ја лоцира во нејзината долгогодишна безидејна политика на „општа пракса“.

„Граѓаните подолго време се соочени со две различни политики. Политиката на ВМРО-ДПМНЕ е поврзана со системска консолидација на стопанството, на земјоделството, со поддршка на ранливи групи, со образование за младите, а на планот на изградба, доминираат дела кои се видливи, над земја. Од друга страна, СДСМ не изгради свој идентитет. Партијата води политика која е заглавена во конфузијата на општи политички фрази, со политичари од општ профил, без програма, без видливи дела и така апстракно поставена се дави во сопствената криза и генерира програмска безидејност“, оценува Поповски.

Според него, голем проблем е што во земјата нема вистинска опозиција. Смета дека оваа опозиција е во заложништво во однос на лидерот, кој пак на хоризонтот не се одлепил од политиката на личен и групен интерес.

Поповски е задоволен од изборниот ден. Според фактот дека биле мирни, верува дека изборите биле и демократски.

Демографска интервенција

Поинаков став има Џабир Дерала, претседател на невладината организација „Цивил“ која го следеше изборниот процес со 140 набљудувачи.

„Овие избори уште еднаш покажаа дека се отворени сериозни прашања на системот и неговата злоупотреба од главните актери во изборниот процес. Според прелиминарната оценка на ’Цивил’, не може да се каже дека изборите беа слободни и ненасилни. Структурното насилство беше присутно пред и во текот на целиот изборен период. Во низата нерегуларности се издвојува Скопје, на кое му се случи Пустец. Голем број граѓани од овој пограничен албански град се довезоа во Скопје за да учествуваат во груба и директна демографска интервенција. Слично беше и во Ресен“, потенцира Дерала. Неговите набљудувачи не се единствените кои тврдат дека листата на нерегуларности е долга. Бројни забелешки изнесе и граѓанската асоцијација „Мост“, а аудио и видео докази за изборните манипулации најави и опозицискиот СДСМ. Неговиот лидер Бранко Црвенковски изборите ги прогласи за нелегитимни, со оценка дека не е поразена само опозицијата, туку демократијата и државата. Генералниот секретар на партијата, Андреј Петров, вели дека уште од денес СДСМ ќе продолжи со борбата за демократизација на државата. Методите ќе бидат дополнително договорени.

„По она што се случи во општина Центар, јасно е дека Македонија нема никаква врска со демократска држава. Како може луѓе од Пустец да решаваат кој ќе биде градоначалник во Центар? Ќе покренеме многу правни механизми за демаскирање на овие изборни манипулации, кои власта ги нарекува фер и демократски избори“, најавува Петров.

Што значи 14:1?

Но, дали само нерегуларностите се виновни за изборниот дебакл на опозицијата? Не - вели професорот Жидас Даскаловски.

„Изборите поминаа со помали нерегуларности. Власта ги користеше сите механизми за освојување на гласачкото тело. Сериозен е проблемот со гласачи од други држави, од Пустец на пример, но и од западно-европските држави кои не би требало да имаат право да гласаат на локални избори ако не живеат во Македонија. Проблем е и семејното гласање. Заканите на активисти и поткупот се резултат на ниското ниво на демократска култура и економски стандард.

Но и покрај се, победата на ВМРО-ДПМНЕ е толку убедлива во однос на СДСМ, што нема дилеми дека таа партија е во голема криза“, констатира Даскаловски. Според него, СДСМ има неколку проблеми: нејзиниот лидер има исклучително низок рејтинг кај електоратот; партијата нема јасна програма и идеологија; за најмалку две клучни прашања за Македонците - националното и економското, СДСМ има тежок багаж кој може да се отстрани само со нови кадри и јасни програмски цели; партијата не настапува како пазарно ориентирана.

Познавачи на состојбите во СДСМ сметаат дека таму нема да бидат објективно анализирани грешките и слабостите што доведоа до изборен пораз и дека целата вина ќе биде насочена кон ресурсите на режимот на Груевски. Со тоа ќе се пролонгира и потребата од темелни реформи, а тоа ќе го мотивира формирањето нови партиски субјекти од кадри излезени од шинелот на СДСМ.

Tetovo

Тетово: резултатот налага преиспитување на состојбите во некои партии

ДПА и НДП на „ремонт“?

Со истиот проблем се соочува и опозицијата во албанскиот блок. Дипломатот и аналитичар Арсим Зеколи, не е изненаден од исходот на изборите.

„Како што во македонскиот блок победи ВМРО-ДПМНЕ, така во албанскиот блок победи владејачката ДУИ, но взаемно на сметка на демократијата. Тоа е заедничкиот именител за можеби најнерамноправните и нефер избори во земјата досега. ДУИ постигна убедлива победа благодарение на апсолутната контрола врз медиумите, на бројната администрација и финансиските ресурси, но и поради безидејноста на опозициските ДПА и НДП кои се определија за тесно-локалистички пристап, за разлика од националниот приод на ДУИ. Светла точка на овие избори е победата на Зијадин Села во Струга, и покрај огромните пречки со кои мораше да се избори“, вели Зеколи.

За најважен момент го смета поразот на партиите на Мендух Тачи во Тетово и на Руфи Османи во Гостивар, во нивните досегашни упоришта.

„Со тоа, со право се става под прашање иднината на овие партии и потребата за нови водачи или за нови опозициски партии. Политиката на меѓусебно ривалство помеѓу Тачи и Османи за тоа кој да биде број два во село, резултира со устоличување на Ахмети на национално ниво. Како и да е, изборната свадба заврши, но допрва треба да се види каков ќе биде бракот“, заклучува Зеколи.