1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Непосакуваниот камбек на Берлускони

Италија избира нов парламент. Силвио Берлускони сака уште еднаш да биде премиер и собира гласови со анти-германски пароли. Владата во Берлин е „нагласено опуштена“.

За германската канцеларка Ангела Меркел средбата со идниот премиер на Италија би можела да биде повторно видување со стар, иако несакан, познаник - Силвио Берлускони во периодот од 1994 до 2011 година четири пати беше премиер и набљудувачите сметаат дека е можно тоа да му успее и по петти пат.

Пикантно е тоа што токму Меркел несакано би можела да придонесе за можна изборна победа на Берлускони. Тој, имено, смета дека Германија е одговорна за лошата економска ситуација на неговата земја, поради тоа што владата во Берлин во голем дел придонесла за строгите мерки на штедење што ги бара ЕУ. Со ваков став Берлускони тргна во лов на гласови.

Одбивност со насмевка

Односот на Меркел и Берлускони отсекогаш беше напрегнат. Двајцата припаѓаат на семејството на конзервативните партии, но кога се среќаваа срдечноста секогаш изгледаше вештачки, како кога двајца далечни роднини кои повеќе сакаат да се заобиколат, за семејната групна фотографија позираат со наместена насмевка. Политикологот Анџело Болафи, поранешен раководител на Италијанскиот културен институт во Берлин, тоа дури го опишува уште подрастично: „Двајцата воопшто немаат никаков однос, не можат да разговараат еден со друг, дури ниту лично, а тоа во политиката игра важна улога. Тие немаат доверба еден во друг.“

Italien Wahlen Parteien PdL Silvio Berlusconi

Во лов на гласови со антигермански пароли - Силвио Берлускони

Во изборната кампања Берлускони постојано создаваше негативна атмосфера во однос на Германија. Ангела Меркел, според него, е такаречи сама одговорна за строгиот курс на штедење што ЕУ и‘ го наметна на Италија. Зголемувањето даноци, кратењата на буџетот, екномската криза - се‘ е вина на Меркел. Вакви популистички напади тој преку својата мрежа телевизии може да шири нон-стоп. На тој начин тој располага со невидена моќ за манипулирање, нагласува Болафи за ДВ: „Нема многу луѓе кои имаат доволно време и доволно познавања за да се спротивстават на такво нешто.“

Политикологот нагласува дека на тој начин се затвора кругот, зашто и на почетокот на неговото време Берлускои наголемо ја користеше медиумската моќ за да стигне до политичка функција. Болафи не смета дека екс-премиерот би можел повторно да дојде на власт, но ако освои 20 проценти од гласовите, колку што се предвидува, тој би можел да игра важна улога при составувањето на владата.

Болафи жали што односите меѓу Германија и Италија во поновото минато страдаа многу. Двете земји на почетокот на европското движење беа сојузници, но откако Берлускони пред речиси 20 години првпат стана премиер, работите тргнаа надолу. Во Италија, вели Болафи, може да се слушне само дека Меркел е одговорна за лошата економска ситуација во таа земја, но не се слуша дека мерките за штедење во таква ситуација се единствен вистински чекор за излез од кризата. Оттука не е ниту чудо што Италијанците во моментов немаат добар збор за Германија.

Напрегната опуштеност

Тоа што во Италија се водеше кампања со негативни чувства кон Германија, не ја возбудува коалицијата во Берлин. Министерот за надворешни работи Гидо Вестервеле за Зиддојче цајтунг изјави дека нема да ја коментира италијанската предизборна борба ниту паролите што таму се слушаат. Но Вестервеле стави јасно до знаење: „Ние не сме страна во италијанската предизборна кампања, но се залагаме за продолжување на проевропскиот курс и спроведување на неопходните реформи.“

Претседателот на Комисијата за надворешна политика во Бундестагот, Рупрехт Поленц, за Зиддојче цајтунг оцени: „На Италија и‘ е неопходен раководен кадар со кој се поврзува иднината, а Берлускони тоа сигурно не е.“

Политикологот Герд Ланггут смета дека канцеларката и нејзиниот тим не би смееле толку опуштено да гледаат кон Рим, како што тоа нанадвор го сигнализираат, зашто гласањето во Италија би можело да фрли сенка врз изборите на германскиот парламент во септември: „Ако Берлускони биде избран, тоа би било сериозно предупредување за изброт на Меркел, зашто ќе се вели дека таа не можела да го спроведе своето.“