1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Неподносливата неодговорност на македонското новинарство

Македонското новинарство не страда секогаш од кусок на слобода, туку најчесто од вишок на непрофесионалност. Случајот со наводното убиство на македонски студент во Грција го потврдува тоа, велат експертите.

Веста за наводното убиство на македонскиот студент Александар Самарџиев во Солун, уште еднаш ја покажа порозноста на професионалните стандарди на македонското новинарство и го отвори прашањето- каде се наоѓаат вистинитоста, точноста и отчетноста на листата на новинарските принципи“, вели Жанета Трајкоска, директорка на Висока школа за новинарство и за односи со јавноста. Како почна? Извесен Стилјан Самарџиев на Фејсбук соопшти дека неговиот братучед Александар, грчки државјанин со македонско потекло бил претепан во Солун од членови на националистичката „Златна зора“. Тоа беше доволно веста под назнака „ексклузивно“ прва да ја објави МТВ, а во центалните вести и „во живо“ да го вклучи претседателот на Светскиот македонски конгрес, Тодор Петров, кој соопшти дека Самарџиев им подлегнал на повредите и дека „неговата смрт е провокација за војна“. Тоа во саботата на социјалните мрежи резултираше со повици за протест и со полициски кордон околу грчката Канцеларија за врски во Скопје.

Symbolbild Facebook Marktführer Soziale Netzwerke

Фејсбук како извор на информации?

Оваа лажна вест го испровоцира дури и еврокомесарот за проширување Штефан Филе, кој на својот Твитер профил, искоментирал: „Загрижен, поради инцидентот во Солун. Воздржаноста и смиреноста мора да надвладеат да не се затрујат односите. Одговорот е во целосна истрага.“ Грчкото Министерство за надворешни работи ја демантираше информација, но тоа не беше доволно да го спречи Тодор Петров да соопшти кога ќе биде погребан Самарџиев.

ЗНМ молчи

„Еден аспект е дали имало или немало убиство, друг аспект е како Јавниот радиодифузен сервис МТВ ја пренесе веста и како пласираше непроверени изјави на личности кои директно повикуваа на насилна реакција на Македонците. Трет аспект е одговорноста на сите медиуми кои ја пренесоа веста без основни проверки на изворите и на информациите“ оценува Трајкоска.

Кој ќе беше одговорен ако имаше немири или како што повикуваа некои групи на Фејсбук, ако имаше обид за палење на грчката Канцеларија? Три дена подоцна, Здржението на новинарите на Македонија нема одговор на овие прашања, ниту пак досега го осуди овој флагрантен пример на неодговорно новинарство. Во отсусто на претседателот на ЗНМ, Насер Селмани, кој е на конгрес надвор од Македонија, својот став за Дојче Веле го соопшти Тамара Грнчароска, член на раководството на ЗНМ. „Случајот Самарџиев покажа дека македонското новинарство станува се повеќе сензационалистичко. Овој настан треба да биде предупредување за сите дека новинарството е одговорна професија и оти точната и прецизна информација мора да се стави пред трката за сензационализам. Борбата за гледаност и читаност не смее да да се води на штета на вистината“ вели Грнчароска.

Mazedonien Journalist Erol Rizaov

Ерол Ризаов: „Македонското новинарство е претепано“

Случајот „Самарџиев“ ја покажува сета беда на македонското новинарство, вели Ерол Ризаов, уредник коментатор во „Утрински весник“.

„Не знаеме дали Самарџиев бил претпан, но се покажа дека е претепано македонското новинарство, бидејќи работи со полна пареа на сеење на говор на омраза и квазипатриотизам“, оценува тој.

Убиено лице што не постои

Според комуниколозите, овој случај го урна и онака разнишаниот интегритет на медиумите. Марко Трошановски, комуниколог од Институтот за демократија вели дека последиците се огромни. „Прво, ослабна довербата во медиумската информација, која се презентираше како шпекулативна и дезориентирана.

Symbol Medien Freiheit

Второ, разобличена е сензационалистичката порочност на македонските медиуми и трето - се покажува дека глобалниот медиумски систем е сепак коректив, а локалниот медиумски амбиент не е независен и семоќен креатор на јавното мислење“, оцени Трошановски.

Уредникот на Информативната програма на МРТ вчера и се извини на јавноста за објавувањето на непроверена вест. „Ако јавноста цени дека е потребно за развојот на демократијата и медиумите, јас сум подготвен да ја преземам целосната одговорност за случајот“, изјави Горан Петревски.

На крајот од целата приказна, останува еден груб факт. Александар Самарџиев ниту бил претпан, ниту починал. Веројатно лице со таков идентитет воопшто и не постои. Екипа на весникот „Дневник“ вчера го посети леринското село Крушоради во кое живее Стилјан Самарџиев, изворот на оваа информација. Тој и натаму тврдел дека Александар е убиен, но неговата мајка во телефонски разговор на новинарите им изјавила: „Немаме роднини што ни се убиени“.

Жители на селото потврдиле дека Самарџиеви немаат роднини во селото Треболец, кое е посочено како место на живеење на „братучедот Александар“.