1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Неповолни ветрови за Саемот во Франкфурт

Започна 61. Меѓународен саем на книгата во Франкфурт. Годинава на организаторите главоболки им задава комплицираната земја-почесен гостин на саемот- Кина, но и кризата на пазарот на книги во САД, Велика Британија.

default

Гостин на Франкфуртскиот саем е Кина

Уште во предвечерјето на Франкфуртскиот саем на книгата се покажа колку комплициран може да биде односот со Кина. Како и во изминатите, и оваа година беше планиран симпозиум за меѓусебно запознавање со наслов „Кина - сфаќање и реалност“. Меѓутоа, кога официјалната кинеска делегација дозна дека на симпозиумот се поканети и двајца дисиденти, се закани со откажување на учеството на него.

Раководството на Франкфуртскиот саем сакаше да посредува, но не успеа во тоа. И потоа, кога двајцата кинески критичари настапија на симпозиумот, официјалните претставници на Кина се повлекоа. Директорот на саемот Јирген Бос мораше повеќепати да се извинува, зашто во спротивно симпозиумот ќе пропаднеше. Критичарката на кинеските власти Даи Кинг го извлече следниов биланс од нејзина перспектива: „Кинескиот режим, значи владата на Кина, ако сака да биде модерен режим, мора да научи кон таквите работи да настапува со велокодушност и со самодоверба. Таа нема да може да се презентира таму ако ја нема оваа самодоверба и сосема мирно да го следи противникот кога тој искажува поинакво мислење.“

Послаби бројки годинава

Deutschland Buchmesse Frankfurt 2009 China Stand

Саемот на книгата е вистинското место за слободата на говорот, пазар на мислења. Но во прв ред и пазар на бројки. А овој пазар, поради финансиската криза во моментов не нуди толку розеви перспективи. За првпат Франкфуртскиот саем на книгата не може да се пофали со растечки бројки на излагачи. Напротив бројките се намалуваат. Годинава има 440 издавачи помалку отколку во минатата. Најголемите загуби доаѓаат од пазарот на книги од англиското говорно подрачје.

Директорот на саемот, Јирген Бос се обидува да објасни зошто е тоа така: „Во Англија системот на продажба на книги е пропаднат. Во споредба со Германија, таму повеќе нема независни книжарници. Во моментов од Германија слушаме за бројки кои се колку-толку задоволителни. Во Англија нема повеќе книжарници, освен два -три големи синџири. Тоа е еден домашен проблем. Во Америка ситуацијата е слична. Таму можат да се видат ’Барнс енд Ноблс’, ’Бордерс’, големи синџири книжарници. Речиси воопшто нема независни книжарници. Овие огромни синџири имаат големи проблеми, бидејќи се концентрираат на тоа да војуваат едни против други, а не да продаваат книги. Покрај тоа на пазарот настапи ’Амазон’, а и ’Гугл’ е сега на пазарот. Тие нудат електронски книги на посебен начин. Таму се случува нешто на пазарот“.

Интернетот целосно го промени пазарот на книги

И Саемот на книги во Франкфурт сака да реагира на ваквата новонастаната ситуација. Бос го покани славниот американски издавач Тим О’ Рајли да го претстави својот поглед на медиумите на иднината.

Buchmesse Frankfurt 2009

Во САД многу се дискутира за неговите тези. На Саемот во Франкфурт како хајлајт е најавена конференцијата со него, на која треба да се зборува за новите електронски книги и новите формати на книги за Ај- фон. Интернетот имено целосно ги промени условите за продажба и издавање на книгата. Во меѓувреме веќе има први примери во кои писатели ги објавуваат книгите најнапред на интернет, па дури и ги менуваат нивните дела според дискусииите и барањата на нивните читатели.

Самот во Франкфурт веќе по традиција како тежишна тема го има образованието на иднината. Со тоа тој е во тренд со времето. Сите политичари во Германија во моментов бараат поголемо внимание и повеќе инвестиции за образованието. Културата и образованието важат за нематеријални вредност, кон кои припаѓа и книгата, без оглед дали е од хартија или пак е дигитална.

Автор: Рутхард Штеблајн / Симе Недевски

Редактор: Александра Трајковска