1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Неонацисти се камуфлираат во новинари

Неонацистите во Германија сѐ почесто користат новинарски легитимации за да влезат на прес-конференции или на судски процеси. Таму ги набљудуваат и ги снимаат оние кои се борат против десно-екстремистичката сцена

Неонацистите сакаат да маршираат на улиците и своите протести да ги претставуваат како прошетки на „загрижени граѓани“ поради мигрантите, домовите за бегалци, исламската пропаганта или нешто друго. Меѓутоа во германските градови секогаш им се спротиставуваат многу повеќе граѓани и активисти кои организираат контра-митинзи и ги попречуваат неонацистичките „прошетки“. Десните екстремисти меѓутоа се досетија - на полицијата и’ покажуваат лажни новинарски легитимации и на тој начин се уфрлуваат меѓу активистите и новинарите. Таму ги фотографираат, снимаат, попишуваат и подоцна им се закануваат.

Сакаат да ги „исклучат“ медиумите

Оваа појава во последно време е сѐ почеста, вели новинарот Феликс Штајнер кој работи за телевизијата НДР, за неделникот „Цајт“ и пишува блог за неонацистите.

„Вообичаено е новинарот кој известува од десноекстремистичките демонстрации да добива закани, па дури да биде и физички нападнат“, раскажува Штајнер за своите искуства.

Новинарските акредитации им овозможуваат на неонацистите да дојдат во заштитената прес-зона и таму од близу да нотираат кои се „непријателите“. Имињата и адресите на вистинските новинари дури се објавуваат на неонацистичките блогови и форуми, со што практично се повикува на линч.

Освен што е опасно за самиот новинар, со ова се спречува и ефикасно известување за десничарската сцена. И тоа не само за демонстрациите. Штајнер раскажува дека неонацистите се уфрлуваат меѓу новинарите и на судските процеси, им се закануваат или им ги замачкуваат објективите на камерите и фотоапаратите со што оневозможуваат снимање и фотографирање. Постојат и полоши работи - користејќи се со новинарските легитимации тие можат да дознаат податоци за тактиката на полицијата за време на демонстрациите и слично.

Главна цел на оваа војна против слободата на печатот е создавање на т.н. „контрајавност“, односно исклучување на професионалните медиуми со цел, пред сѐ преку интернет и публикации, да доминираат толкувањата на самите неонацисти. Содржините кои ги нудат тие се бесплатни - блогови, групи на социјалните мрежи или бесплатни локални весници.

„Тогаш се случува граѓанин во рацете да држи бесплатен весник кој го печати десноекстремистичката Национална Демократска Партија (НПД), а во кој има локални и сојузни теми кои на прв поглед не изгледаат сомнително“, објаснува Штајнер.

Лесно до лажна легитимација

Hendrik Zörner Pressesprecher Deutscher Journalisten-Verband

Хендрик Цернер од Германскиот новинарски синдикат

Никој не располага со статистики за фалсификување на новинарски пропусници и тешко дека тој податок ќе може некогаш да се дознае, вели за ДВ Хендрик Цернер од Германскиот новинарски синдикат.

„Легитимацијата е законски незаштитена, токму како и поимот новинар. Секој може да направи картичка или документ на кој стои 'прес' или таква легитимација да купи од несериозни понудувачи“, вели Цернер.

Имено не е противзаконски на лист хартија или на пластична картичка да се отпечати дека станува збор за новинарска легитимација, но оние кои ги прегледуваат тие документи би требале да забележат кога нешто не е в ред. Исправни новинарски легитимации издаваат неколку синдикати на новинари во Германија, но и тоа не помага многу. Новинарката Андреа Репке напиша дека еднаш во судница се случило во кавга меѓу лажен и вистински новинар оној вистинскиот да биде означен како провокатор и исфрлен од судницата.

Не е исклучено ни некој неонацист сосема регуларно да е член на синдикат на новинари, да плаќа членарина и да има вистинска новинарска легитимација. Меѓутоа, како што објаснува Цернер, во неговиот синдикат е неопходно да се поднесе копија од работниот договор со некоја медиумска куќа, а точно се знае кои медиуми се неонацистички. Таквите не добиваат легитимација. Синдикатите сега се залагаат и за единствена новинарска легитимација во Германија, за да се намалат можностите за фалсификување. Таков документ би можеле да добијат само новинари на кои тоа им е главно занимање.