1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Неонацисти ги демнат спортските здруженија

Во Германија многу се вложува во спортските здруженија како облик на слободна активност кој се смета за еден од столбовите на граѓанското општество. Но спортските здруженија и клубови одамна ги открија и неонацистите.

„Спортот е најдобар во здружение.“ Со вакви и слични слогани спортските здруженија регрутираат нови членови. Спорт, забава и игра би требало да стојат во преден план. За политика тука, така се слоганите на многу спортски здруженија, нема место. Но реалноста е различна. Многу деснорадикални групи ги искористуваат спортските здруженија за свои цели и така овој сегмент од општеството кој треба да остане аполитичен, го полнат со негативна енергија.

Почитувани членови на заедницата"

Winfriede Schreiber

Винфриде Шрајбер



Винфриде Шрајбер, претседателка на Службата за заштита на уставниот поредок во сојузната покраина Бранденбург во источна Германија, ги повика на почетокот на годината (02.01) спортските здруженија да не го игнорираат овој се’ поочигледен проблем. „Долго време не бевме во право бидејќи сметавме дека спортот е аполитичен“, кажа Шрајбер. Но сега, како што таа предупредува, очигледно е дека неонацистите „се обидуваат да влијаат врз работата на спортските здруженија“. „Тие влијаат на младите и дејствуваат против демократијата“, истакнува Шрајбер.
Проблемот во меѓувреме е во тоа што неонацистите ја сменија тактиката. Додека до пред некоја година се работеше за лица главно од маргините на општеството со препознатлива иконографија (избричени глави и специфично облечени) денес неонацистите изгледаат поинаку. Многумина од нив доаѓаат од средните слоеви, успешни се во тоа што го работат, па така често изгледаат и како спонзори на спортските здруженија. Особено во секторот обезбедување можат да се најдат многу кои се во десно радикалното милје. „Поврзаноста на компаниите за обезбедување и десно радикалното милје е опасна затоа што втерува страв во коски“, смета Шрајбер.

Нов пристап

И во пристапот кон членовите на спортските здруженија и кон потенцијалните припадници на неонацистичката сцена десните екстремисти ја сменија тактиката. „Тие денес повеќе не стојат пред спортските сали и терени и врбуваат со пропаганда. Тие сега се во здруженијата, пред се’ се спортисти“, објаснува социјалниот педагог Анет Милер од една од Мобилните советодавни групи (МБТ) кои дејствуваат како превентива против ширењето на неонацистички идеи.

Како добри спортисти тие се пример за помладите членови на здруженијата, кои подоцна ги придобиваат и за политички идеи кои немаат никаква врска со спортот, но ниту со демократското уредување на општеството. „Многу управи на спортските друштва се потполно изненадени кога ќе излезе на виделина дека оној симпатичен тип кој дополнително се ангажира во работата на здружението е всушност неонацистички агитатор“, кажува Милер. Затоа таа им препорачува на спортските здруженија да се оградат јасно во своите статути од расна и верска нетрпеливост и да се определат за демократија, бидејќи така борбата против неонацистите во своите редови ќе биде поедноставна.

Повеќе граѓанска храброст

Дека проблемот со влијанието на неонацистите врз спртските здруженија е поприсутен на истокот отколку на западот на земјата, според Милер, се гледа во различните искуства на граѓаните кои до неодамна живееја не само во две различни држави, туку и во двата различни политички системи. „Врз граѓаните од запад е сепак потешко да се влијае, тие ја имаат онаа култура на преиспитување и не дозволуваат туку така нешто да им се наметне. На исток таа култура на отпор против авторитетите не е толку изразена“, смета Милер.
Винфриде Шрајбер смета дека најголемата одговорност ја имаат управите на спортските клубови. „Се’ повеќе здруженија се свесни дека треба јасно да се изјаснат за демократија“, кажува Шрајбер.