1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Неонацистите пуштаат корени во Бундеслигата

Германскиот клупски спорт на меѓународна сцена постојано бележи успеси. Но, во домашното фудбалско првенство Германците се соочуваат со големи проблеми, особено од се’ поагресивните неонацистички организации

default

Состојбата со германскиот фудбал е алармантна. Претседателот на германската фудбалска лига, Рајнхард Раубал и поранешниот претседател на германскиот фудбалски сојуз Тео Цванцигер, испратија заедничка порака до јавноста преку која укажуваат на опасноста наречена неонацизам. „Не станува збор за првенството во кое се игра професионален фудбал, туку зборуваме за аматеризам”, тврди Цванцигер во интервју за „Спорт Билд“.

„Неонацистичката идеологија сака да ја освои неополитичката сцена и да влијае на оние луѓе кои не се загрозени со политика”, тврди Цванцингер. Тој додава дека 26 илјади аматерски фудбалски клубови во Германија се изложени на поголема неонацистичка пропаганда во однос на клубовите од првите две фудбалски лиги. Професионални се единствено првите три лиги.

За разлика од професионалниот, за функционирањето на аматерскиот фудбал во Германија се заслужни личности кои не добиваат финансиска поткрепа, туку се волонтери.

Во последно време, неколку случувања покажале дека ниту профи-фудбалот не е имун.

Кај тимот од третата фудбалска лига, Алеманија од Ахен, се забележани инциденти за кои е виновна извесна деснорадикална група. „Но случајот со Ахен не ги загрижува луѓето од Бундеслигата, затоа што овој клуб не е прволигаш.”, вели Раубал, кој воедно е и претседател на актуелниот германски првак

Theo Zwanziger

Рајнхард Раубал и Тео Цванцигер

Борусија Дортмунд.

„Досега, кај дел од луѓето во фудбалот владееше свеста дека неонацистичкиот проблем не е тема на разговор. Но, според моето мислење, ние сме соочени со овој проблем. И мора да го решиме. Мора да бидеме будни, посебно кога станува збор за опасноста од инфицирање на младите навивачи”, критички признава Раубал.

Проблемите на Борусија

И тимот на Борусија Дортмунд има проблеми со екстремната десница. Во септември оваа година, клубот го забрани пристапот на стадионот за осуммина десничарски екстремисти, кои за време на натпреварот против Вердер од Бремен на трибините истакнале транспарент на кој барале солидарност со недозволено неонацистичко друштво.

„Не смееме да го толерираме неонацизмот и антисемитизмот, кога е во прашање политиката мора да останеме на ниво на нула толеранција”, смета Раубал.

Но како тоа да се спроведе во пракса? Фудбалските челници се надеваат дека од голема помош ќе им биде воведувањето на камерите за надзор на случувањата на стадионите. Целта ќе биде идентификација и казнување на неонацистичките активисти.

Десните екстремисти меѓу навивачите од неодамна и‘ создадоа главоболки и на Германската служба за заштита на уставниот поредок. Претставништвото на службата во Дортмунд, за прв пат јавно посочи дека неонацистите го користат фудбалот како отворена сцена за политичка агитација.

Fußball Rechtsradikale Fans

„Ултрасите“ на Динамо Дрезден

Георг Штајнерт, шефот на службата во Дортмунд, во интервју за интернет порталот derwesten.de, посочува на активноста на неонацистите за време на септемврискиот натпревар од третата лига,одигран меѓу младинскиот состав на Борусија и клубот Рот Вејс Ерфурт, како и на веќе споменатиот транспарент на пресметката со Вердер во август.

Штајнерт им препорача на челниците на Борусија да ги анимираат своите навивачи кон соработка со власта. Проценува дека неонацистичката сцена во фудбалските води е малубројна, но не ја намалува опасноста.

„Би било добро да ни се обратат повеќе луѓе”, додава тој и повторува дека неговата служба има активирано телефонскa линија на која може да се јават жртвите на десничарското насилство - анонимно!