1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Неодлучната политика на Европа кон бегалците

Оној што бега во Европа може да има голема среќа, но и баксуз - се‘ зависи од тоа во која земја влегува. Шефовите на држави или влади на десет држави од Средоземјето разговараат околу заедничката политика кон бегалците.

Одбројувањето почна - до крајот на 2012 година треба да биде воведен заеднички европски систем за азил. Стандардот на живеење на барателите на азил и квалитетот на нивното сместување се‘ уште се разликува во одделните земји членки на ЕУ. Многу варираат и постапките за азил.

Експертот на Амнести Интернешнл за миграција Анелизе Балдакини и покрај тоа нагласува дека за единствен систем ќе биде потребно време: „На европско ниво има заеднички стандарди и обврзувачки закони, но додека тоа се спроведе во пракса и додека се создаде инфраструктура во земјите членки, ќе биде потребно време.“

„Да се јавам на мама“

Во Грција, земја со надворешна граница која е најоптоварена од бегалци, инфраструктурата е многу лоша. Според наводи на грчкото Министерство за надворешни работи, грчко-турската граница во подрачјето на Еврос во 2011 година ја преминувале околу 500 луѓе дневно. Еврокомесарката за внатрешни работи Сесилија Малмстром се сеќава на 14-годишно момче од Авганистан кого го сретнала при една нејзина посета на Еврос, а кое побегнало од Авганистан. Било сместено заедно со уште 60-70 други момчиња во мала просторија. Имало само два тоалети, од кои едниот не функционирал. „Ме замоли за неколку евра за да се јави на мајка му, која сигурно била загрижена за него“, се сеќава Малмстром.

Flüchtlinge Immigranten Polizei in Griechenland

Бегалци во Грција

Ситуацијата може уште повеќе да се влошува. Поради граѓанската војна во Сирија, како што се претпоставува од страна на ОН, до крајот на годинава земјата ќе ја напуштат околу 700.000 луѓе. Досега во бегство се околу 300.000 сириски граѓани, кои се во соседните земји Либан, Ирак, Јордан и Турција. Оттаму се‘ повеќе луѓе одат во насока на Грција. Тие се обидуваат да влезат на територија на ЕУ не преку границата на север, кај Еврос, туку на исток, преку островите.

Грција со оглед на должничката криза има огромни финансиски проблеми за да им пружи соодветен прием на бегалците. Освен тоа, некогашната иселеничка земја се‘ уште нема адекватни закони за азил и за странци за да одговори соодветно на растечкиот број доселеници. Грција, де факто, е доселеничка земја веќе 20 години. Од околу единаесет милиони жители, еден милион се граѓани со мигрантско потекло, проценуваат грчките власти.

„Грчките власти се чини воопшто не се во состојба да ги исполнат основните потреби на бегалците во делот на сместување, исхрана и адекватна заштита“, оценува Анелизе Балдакини од Амнести. Луѓето се плашат да постават барање за азил затоа што потоа за време на постапката на решавање која е предолга, им се заканува долг престој во прифатните кампови, вели Балдакини.

Flüchtlinge in Griechenland

Стандардот на живеење на барателите на азил и квалитетот на нивното сместување се‘ уште се разликува во одделните земји членки на ЕУ

Единствени стандарди...

Помош во таа насока треба да дојде од заедничкиот Европски систем на азил. Еврокомесарката Малмстром вели дека преговорите се во финална фаза. Денеска и утре (05/06.10) шефовите на држави или влади на десет средоземноморски земји имаат средба на Малта на која разговараат за заедничката безбедносна политика и политика кон бегалците. Но, на средбата се само претставниците на западното Средоземје - Шпанија, Франција, Италија, Португалија и Малта од европска страна и Алжир, Мароко Тунис, Либија и Мавретанија од северноафриканска страна. Се разбира дека во западниот средоземноморски регион проблемот со бегалците е огромен, но не треба ли на една маса да седат сите погодени земји кои имаат слични проблеми? Анелизе Балдакини вели дека не верува оти вакви самити се знак на поделеност во ЕУ: „Тоа се паралелни процеси. Тие помагаат за решавање на специфични, регионални проблеми.“ Притоа во преден план е дијалогот.