1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

„Неодговорните политичари не‘ оставија на цедило!“

Пакистан веќе еден месец се бори со најкатастрофалните поплави во неговата историја. Состојбата во погодените области и понатаму останува драматична. Во поплавите загинаа стотици луѓе, милиони останаа без дом.

default

Од поплавите во Пакистан се загрозени 20 милиони луѓе

Социјалниот работник Сарим Бурни веќе еден месец помага во повеќе поплавени области. Тој е заменик-претседател на хуманитерната организација „Ансар Бурни Траст“. Изминативе недели беше сведок на фактот дека луѓето се оставени сами да се справуваат со поплавите:

„Размерите на оваа катастрофа се огромни. Засегнат е голем дел од населението. Луѓето сами се обидуваат да направат се‘ за да се спасат. Но, досега безуспешно.“

Пакистанската влада изгледа беспомошно


Präsidentenwahl in Pakistan - Zardari pixel

Пакистанскиот претседател Асиф Али Зардари

Во кризните области се активни најчесто хуманитарни и невладини организации, или пакистанската армија. Од пакистанската влада нема ни трага ни глас, обвинуваат жителите. Пакистанците и меѓународната заедница ја изгубија довербата во владата. Претседателот Асиф Али Зардари на почетокот од катастрофата не сакаше ни да ја прекине посетата на Европа. Луѓето се разочарани поради тоа, вели Сарим:

„Ако владата на почетокот донесеше вистински одлуки за справувањето со поплавите, состојбата немаше да биде толку критична. Досега не видов било каква активна соработка на пакистанската влада. На Исламабад му е сеедно што се дават луѓе. Важно владата не тоне.“

Разочараните луѓе во поплавените области сфатија дека летаргичните политичари ги оставија на цедило. Пакистанскиот претседател Зардари и премиерот Гилани не го исполнија ветувањето, дека жртвите од поплавите веднаш ќе добијат помош. Владата е преоптеретена, смета Кристијан Вагнер, експерт за Јужна Азија од Фондацијата за економија и политика од Берлин:

„Во Пакистан освен армијата има малку институции кои може да помогнат при вакви катастрофи. Затоа во оваа ситуација кај населението расте бесот кон владата која изгледа беспомошно.“

Се‘ уште нема ефикасен план за помош


Pakistan Ministerpräsident Yousaf Raza Gilani

Премиерот на Пакистан, Јусаф Раза Гилани

Донаторите од странство стравуваат дека помошта за пакистанската влада најверојатно ќе заврши во џебовите на корумпираните службеници. Владата нема добра координација на помошта, поради лошата политичка состојба во земјата, смета Вагнер:

„Анкетите покажуваат дека претседателот Зардари има помала политичка поддршка. Од друга страна, со уставните реформи тој ја предаде својата моќ. Најголема моќ сега има премиерот Гилани.“

Премиерот Гилани исто така е под притисок, оти неговите одлуки не можат да се спроведат без одобрение од Зардари.

На населението во полавените области му е потребна вода за пиење, прехранбени производи и лекови. Една четвртина од површината е под вода веќе четири недели, 20 милиони луѓе се загрозени од глад и болести. Пакистанската влада очигледно се‘ уште нема ефикасен план, како да им помогне на жртвите.

Автор: Аднан Исак / Јасна Мушиќ Јанчулева

Редактор: Жана Ацеска

DW.COM