1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Необичен костим за пливање, кој носи рекорди

„Пливаш како врз душек од воздух“, вака го опишува новиот костим за капење Брита Штефен, која за два дена постави два светски рекорда во дисциплината сто метри слободно.

default

Брита Штефен

Првенството на Германија во пливање донесе редица светски и европски рекорди. Во средиштето на вниманието се најде олимписката шампионка Брита Штефен - во рок од два дена два пати постави светски рекорд во дисциплината 100 метри слободно. Сега, најдоброто време изнесува 52 секунди и 56 стотинки, 29 стотинки подобро од рекордот што таа го постави во преднатпреварите.

„Многумина сега, навистина веќе помислија дека костимот ќе го направи сето сам од себе. Се разбира дека не е така. Мора да бидеш добро подготвен, мора да имаш добар тим, кој ќе се грижи за тебе. Го имав сето тоа, а годинава згора на тоа, уште добив и еден супер костим“, вели Брита Штефен, која на светското првенство, по три недели во Рим, ќе се обиде да ја пополни својата колекција на трофеи и со светска титула, која уште и‘ недостасува. На последниот ден од првенството, Паул Бидерман на 200 метри слободно и Марко Кох на 200 метри градно, постигнаа европски рекорди.

„На светското првенство, ми се чини, ќе изгледа како да е светско првенство во нуркање - сите ќе бидат во костим од неопрен. Оттука, мислам дека и јас ќе носам таков“, вели Бидерман, кој европскиот рекорд го постигна со вообичаен костим“.

Каков е тој чудесен костим?

Schwimmerin Britta Steffen Deutsche Meisterschaften

Колку помага костимот?

По 108 светски рекорди во минатата година, серијата продолжува - дури и на националното првенство на Германија. Причина, очигледно, се новите костими за пливање. Мајкл Фелпс на олимпијадата во Пекинг стана најуспешен олимпиец на сите времиња, настапувајќи во костим од неопрен. Сега и конкуренцијата се опреми со такви костими. Брита Штефен плива во „хидрофоил“, што во превод би значело „благопријатно за вода“, а се чини и дека материјалот ги моторизира пливачите.

„Тој придонесува за четвртина до половина секунда, ако не и за цела секунда. Тоа е нешто најчудесното, што било кога сум го доживеала. Не умираш од напори дури ни во последните метри, одвај да чувствуваш болка“, вели Штефен и сликовите дообјаснува - „пливаш како врз душек од воздух“.

Трката за опремување со специјални костими за пливање придобива форма на допинг со материјалот, но - барем заега - е легална: Светската пливачка асоцијација ФИНА, по долго колебање, годинава ја одобри употребата на такви костими. Брита Штефен гледа со загриженост на развојот.

„Уште минатата година, кога се појавија сосем новите костими, знаев дека пливачкиот спорт малку ќе загуби од вредноста поради сите тие светски рекорди. Денес, за жал, не е особено возбудливо кога ќе испливаш светски рекорд“.

Штефен смета дека развојот оди кон екстрем.

„Знаеме дека истражувањето во врска со костимите за пливање ни оддалеку не е докрај исцрпено. Можам да си претставам дека по неколку години, ако не му се стави крај на ова, ќе не‘ доведе до таму, да може да биде имитирана кожата на рибите“.

Паул Бидерман вели дека мора да биде ставен крај.

„Инаку, било кога ќе бидат дозволени и перки. Кога и де, мора да се стави крај. Мора да биде повлечена јасна линија, и тоа најдобро со костими кои не нудат предност“.

ФИНА најави дека веќе во наредната година костимите нема да бидат дозволени и ќе бидат донесени нови директиви.

Автор: ЗЈ/ЕМФ/дпа/цдф/дв

Редактор: Жана Ацеска