1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Ненасилството како најсилно оружје

Роденденот на Махатма Ганди истовремено е Светски ден на ненасилството. Идеите на Ганди се влијателни и шест децении по неговата смрт. Индијците се горди на својот „татко на нацијата“.

default

Махатма Ганди

Животот и делото на Махатма Ганди станаа мит, а неговата популарност е глобална. Од Мартин Лутер Кинг, Нелсон Мандела и Далај Лама, па се‘ до Аунг Су Ќи, сите тие себе си се гледаат како негови наследници, а идеите на Ганди истовремено се инспирација и опомена за Барак Обама, кој гордо изјавува дека е „гандиевец“, иако за многумина оваа споредба е спорна.

Махатма Ганди не беше отсекогаш харизматичен херој кој и денес ги краси индиските банкноти. Тој имал и своја темна стrана. Во младоста често бил незадоволен од себе, а наводно кон сопругата Кастурба не ретко бил лут и заповеднички настроен. Неговиот пат кон духовен и политички водач во борбата за индиска независност бил долг процес, но токму тоа според многумина го прави толку човечен и фасцинантен.

Универзални тези

Тезите на Ганди се уверливи и доследни, па според тоа модерни и денес, вели Мајкл Наглер, американски научник кој го истражува делото на Магатма Ганди.

Flash-Galerie Indien Mahatma Gandhi

Ганди со сопругата Каструрба, 1915 година

„Тој имаше храброст да се спротистави на трендот на своето време. Повторно ги откри одамна заборавените мудрости и ги претстави на начин разбирлив за современиците. Тој го откри важниот факт на човечката историја-дека секој човек во секоја ситуација може да го користи ненасилството како оружје“, вели Наглер.

Учењето на Ганди се потпира на три столба: ненасилство (ahimsa) инсистирање на вистината (satyagraha) и на индивидуалното политичко самоопределување (swaraj). Ганди сакаше помирување и поради тоа интензивно го проучуваше учењето на Буда и пророкот Мохамед. Ганди бил уверен дека вистинската вера може да ги обедини припадниците на различните религии.

„Се‘ што гледам е дека животот ја победува смртта, дека вистината ја победува невистината и дека светлината го победува мракот. Поради тоа согледувам-Бог е живот, вистина и светлина, тој е љубов, тој е најголемото добро“, велеше своевремено Ганди.

Животен пат

Ганди е роден на 2 октомври 1868 година во индиската покраина Гујарат како Мохандас Карамчад Ганди. Не му беше многу мило кога од почитување го нарекувале Махатма, што во превод значи „голема душа“. Во младоста бил лош ученик и многу срамежлив. По студиите по право во Лондон и првите неуспешни обиди во Бомбај со адвокатура, отпатувал во 1893 година во Јужна Африка. Дискриминиран и самиот поради бојата на кожата, го основа часописот „Индиско мислење“. Тој бил поврзница со мајчиниот јазик за околу 60 илјади Индијци кои живееле таму. Наеднаш, срамежливиот Ганди се претворил во незгоден противник-како во судницата така и во политиката.

Во 1914 година се враќа во Индија, а во 1920 го презема водството во Партијата на националниот конгрес. Во 1930 година ја предводи спектакуларната акција „Марш на солта“. Данокот на солта кој го вовеле Британците во Индија бил главната причина за протестите. Ганди се побунил дека Индијците не смеат ниту да произведуваат нити да продаваат сол, а треба уште и да бидат оданочени. Во 1942 година бил уапсен поради барања за независност на Индија. Во затвор поминал вкупно осум години.

Неговата несебична посветеност назаедницата и денес е без преседан, смета социологот Рајана Кумари од Њу Делхи.

Flash-Galerie Indien Mahatma Gandhi

„Се разбира, во време на капитализмот и глобализација, што и Индија ја претвора во се‘ поматеријалистичка, тешко е во пракса да се реализираат вредностите на учењето на Ганди“. Само ретки можат тоа да го постигнат смета таа. Но, ако тоа го направат и само еден процент луѓе, ќе биде од голема помош, во спротивно, ќе остане само сеќавањето на Ганди, вели Кумари.

Ганди останува „голема душа“

Во 1947 година Индија стекна независност и беше поделена на хиндуистичка Индија и муслимански Пакистан, кому тогаш му припаѓаше и сегашен Бангладеш. Ганди на муслиманите им вети целосна рамноправност во Индија, поради што и умре-на 30 јануари 1948 година врз него изврши атентат хиндуистичкиот националист Натурам Годсе.

За некои Ганди уште е икона, нешто како светец. Други пак на неговите тези гледаат како на нешто ирелевантно. Но, и по 60 години од неговата смрт, „големата душа“ не е езаборавена, таа истовремено е и инспирација и опомена.

Автор: Прија Еселборн/ Жана Ацеска

Редактор: Александра Трајковска