1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Нем сведок на геноцидот во Руанда

Денеска (07.04.2009) се навршуваат 15 години од геноцидот во Руанда. Светот, пред деценијаипол, гледаше немо на случувањата во земјата, чии улици беа полни со човечки трупови.

default

Гробишта на маргините на Кигали, каде се закопани илјадници жртви од геноцидот

„До ОН, Њујорк. Зголемен број насилни демонстрации, ноќни напади со гранати, како и политички и етнички мотивирани убиства. Имаме доверливи информации дека вооружени групи ги пополнуваат своите резерви со оружје кое имаат намера да им го делат на нивните приврзаници. Доколку тоа се случи, безбедносната состојба ќе се влоши. Освен тоа, постои сериозна закана за безбедноста на соработниците на ОН и цивилното население.“

Два месеца пред избивањето на геноцидот, специјалниот пратеник на ОН за Руанда, Жак Рожер Бо-Бо, испрати телеграма со ваква содржина, која е само едно од многуте укажувања дека претстои катастрофа. Од крајот на 1993 година, една единица на ОН со мировници се наоѓа во Руанда. Војниците на ОН јавуваат за напади врз Тутси, испраќаат извештаи за транспорт на оружје на Хуту-екстремистите, јавуваат за тајни кампови за обука на припадниците на милициите. Овие факти им биле познати и на други: „Белгиската влада, на пример, знаела за опасноста и ги замолила американските и британските дипломати на ОН во неделите пред геноцидот, да ги засилат мировните сили. САД и Велика Британија не сакале да го сторат тоа поради финансиски причини. Тоа беше лош сигнал за оние што го планираа геноцидот. Тие знаеја дека можат да извршат геноцид и дека светот нема да стори ништо“, вели британската авторка, Линда Мелверн.

Предавство на еден народ

За нејзината книга „Предавство на еден народ: Улогата на западот во геноцидот во Руанда“, Мелверн го анализирала однесувањето на западните земји, работејќи како вештак во Меѓународниот кривичен суд за Руанда. Кога геноцидот изби на 7 април 1994 година, сините шлемови немо посматраа. Пред нивни очи е заробен и убиен

ICTR Logo

Лого на Меѓународниот кривичен суд за Руанда

премиерот на земјата, три илајди Тутси бегаат во базата на еден белгиски баталјон кој е дел од мировните сили. Кога се убиени и белгиски војници, баталјонот се повлекува. Тутсите остануваат незаштитени. Кусо потоа, Хуту-милициите ги убиваат. Не се вмешуваат ниту ОН, ни одделни држави.

„Наместо тоа, светот беше зафатен со поранешна Југославија. Кога почна геноцидот, и Советот за безбедност и западниот печат, беа зафатени со настаните на Балканот. Руанда, како во ОН, така и во медиумите, имаше подредена улога. Дури и кога меѓународната хуманитарна организација „Оксфам“ на 29 април 1994-та првпат зборува за геноцид, одвај дека некој од весниците извести за тоа. Тоа беше потфрлање не само на политиката, туку и на медиумите“, смета Мелверн.

Меѓународните сили се ангажираат само кога од земјата треба да побегнат странци. Команданот на силите на ОН, по потекло Канаѓанец, постојано нагласува дека неговите војници треба да го запрат геноцидот, но Советот за безбедност го остава само немо да го посматра она што се случува. Западните политичари дури и не зборуваат за геноцид. Американскиот претседател, Бил Клинтон зборува за „војна на племиња“.

Колективно потфрлање

Подоцнежниот генерален секретар на ОН, Кофи Анан, кој во тоа време е раководител во главниот штаб на ОН за мировни мисии, е еден од малкутемина кои подоцна согледаа своја одговорност: „Никогаш не смееме да заборавиме дека потфрливме колективно во заштитата на 800 илјади невини луѓе во Руанда. Мора да ја прифатиме одговорноста дека не сторивме доволно за запирање на геноцидот.“

Дел од набљудувачите ја обвинуваат меѓународната заедница дека не научила ништо од примерот на Руанда. Генерал Ромео Далер, тогашен командант на мировните сили на ОН, неодамна ги обвини западните земји дека немо го посматраат наредниот геноцид, имено - конфликтот во Дарфур.


Автор: Даниел Пелц / Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Жана Ацеска