1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

„Немо“ ги напаѓа САД

Пред стотина дена беснееше „Сенди“, сега регионот на американскиот Источен брег го зафати снежна бура. Во илјадници домаќинства нема струја, а авионскиот и железничкиот сообраќај се во застој.

Снежниот налет, што метеоролозите го оценија како исклучително опасен, удри на Источниот брег, меѓу Њујорк и Бостон. Невремето во регион во кој живеат околу 25 милиони луѓе, предизвикува снежни наноси во висина од еден метар. Од Њу Џерси до Мејн, луѓето се снабдуваат со залихи од прехранбени продукти, лопати за расчистување на снегот, рачни ламби и генератори.

Алармирана е Националната гарда

Во многу места снежната бура предизвика прекин на снабдувањето со електрична енергија. Повеќе од половина милион домаќинства се без струја. Во пет североисточни американски сојузни држави е прогласена вонредна состојба: Масачусец, Њујорк, Конектикат, Мејн и Роуд Ајленд. Алармирани се веќе околу 5 илјади национални гардисти, а во некои од крајбрежните градови е наредена евакуација. Во Бостон по наредба на градоначалникот од вчера (08.02) попладнето е забрането движење на возила по улиците, а во најголем дел прекината е работата и на јавниот сообраќај.

USA Ostküste Schneesturm

Бостон завеан во снег

Ветрот, според метеоролозите, достигнува брзина до 120 километри на час.

Бурата „Немо“, како што невремето го нарече ТВ-каналот Ветер Ченел, поминува низ областите кои на крајот на октомври беа силно погодени од ураганот „Сенди“, во кој загинаа над сто луѓе.

Откажани илјадници авионски летови и железнички линии

Уште пред налетот на снежната бура во регионот се откажани повеќе од четири илјади авионски летови на сите релации, засегнати се повеќе од 60 аеродроми. Меѓу другите, анулирани се и летовите од Германија, на пример од Франкфурт кон Источниот брег, кон Њујорк.

Но, градот е добро подготвен за справување со бурата, уверува градоначалникот Мајкл Блумберг. По улиците се фрлени над 250 илјади тони сол и нема причина за паника:

„Останете дома и читајте некоја добра книга“, им препорача Блумберг на граѓаните на Њујорк.

Засега се јавува за две жртви од невремето во САД.