1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Нема што да се загуби

Фудбалската репрезентација на Македонија неделава влегува во квалификациониот циклус за ЕУРО 2012-та. Селекторот Мирсад Јонуз е убеден - има услови за резултатски прогрес!

default

Мирсад Јонуз

В петок (03.09.2010) од Братислава, со натпреварот против Словачка започнува исклучително тешката мисија за квалификација за ЕУРО 2012. На тој пат Македонија ја чекаат соочувањата уште и со Русија, Република Ирска, Ерменија и Андора.

Денеска (30.08.2010) во Братислава се отвора собирниот центар за македонските репрезентативци, во кој до петок ќе се кове стратегијата за стартниот меч.

Селекторот Мирсад Јонуз пред заминувањето беше достапен за програмата Дојче веле. 14 месеци откако е на селекторската функција, сега е исправен пред најголемиот свој предизвик.

„Досега постојано сме ги завршувале квалификациите на четврто место. Тоа е место кое постојано не‘ следи. Ќе се обидеме нешто да смениме, да се искачиме малку погоре.“

Кои се според селекторот главните карактеристики на составот кој влегува во овие квалификации?

„Имаме репрезентација во која, со мали исклучоци, играчите се во натпреварувачка форма. Речиси сите се стандардни во своите клубови. Сега, предводена од новиот капитен Горан Пандев, има услови за резултатски прогрес во однос на минатото“, вели Јонуз.

Нерешените 1:1 против Малта на последната контрола, беа повод за жестока реакција на селекторот:

„Критиките по натпреварот против Малта беа од позитивен карактер. Некои фудбалери, кои добиваа шанса да играат во минатото, не ги задоволија поставените стандарди и тие засега се отстранети од списокот.“

Mazedonien Land und Leute Mazedonische Fußballfans

Ќе се радуваат ли македонските навивачи на поголеми успеси на македонските фудбалери?

Селекторот верува дека Нурединовски ќе биде достојна алтернатива за повредениот прв голман, Пачовски.

„Лично верувам во квалитетите на Нурединовски, како и во другите двајца голмани повикани во репрезентацијата. Македонија традиционално имала и ќе има добри голмани.“

Македонските искуства против Словаците не се пријатни. Се памети поразот од 5:0. Свежи се сеќавањата и на нивните настапи на мундијалот во Јужноафриканската Република.

„Словачка е репрезентација многу дисциплинирана. Репрезентација, која не игра фудбал за око, туку работи постојано во текот на натпреварот. Словачка има искусни поединци што играат во европските лиги и тренер, многу успешен во работата“, оценува Јонуз.

Селекторот шансата ја гледа во барем еден гол во мрежата на Словаците.

„Ние сме репрезентација која сака да игра, да се надигрува и која сака да дава голови. Психолошката предност во Братислава, сметам, дека е на наша страна. Ние таму нема што да загубиме.“

Автор: Златко Калински

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска