Нема промена на власта во Јапонија | Свет | DW | 21.07.2013
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Нема промена на власта во Јапонија

Јапонскиот премиер Шинзо Абе ја зацврсти базата на неговата власт. Во Јапонија се одржаа избори за дел од претставниците во горниот дом на парламентот. Се навестува јасна победа на десните националисти.

Со победа на изборите за горниот дом на парламентот, премиерот на Јапонија Шинзо Абе ќе надмина одлучувачка пречка за реализација на неговите политички цели. Премиерот во наредните три години ќе ја има контролата во двата дома на паралементот. Наредните избори во цела Јапонија треба да се одржат во 2016 година, кога треба да се избираат претставници за долниот дом на јапонскиот парламент. Во минатото во Јапонија имаше чести промени на владата, поради што на удар се најде политичката стабилност на третата светска економија.

Се гласаше за половината од 242 места во горниот дом на парламентот, каде досега доминираше опозицијата. Конзервативната Либералдемократска партија и нејзиниот јуниор коалиционен партнер, партијата Комеито, која е под влијание на будизмот, таму имаат веќе 59 мандати, за кои овојпат не се гласаше. За да има мнозинство владината коалиција би морала да освои 63 мандати, а според првичните прогнози освоиле 80 мандати.

Структурни реформи или националистичка агенда?

Премиерот Абе на сметка на растечкото задолжување значително ги зголеми државните давачки, и во комбинација со промените во монетарната политика го поттикна стопанството. Сега со нетрпение се очекува дали Абе по изборите во горниот дом од парламентот ќе ги спроведе итно неопходните структурни реформи, меѓу другото во здравствениот и аграрниот сектор.

Доколку прмиерот успее во тоа и покрај отпорот од моќните лоби групи, на Јапонија според мислењето на експертите и‘ претстои опоравување и тоа на долг рок.

Критичарите меѓутоа стравуваат дека Абе предност и‘ дава на нациоаналистичката агенда. Тој сака да го промени пацифичкиот устав од 1946 година, кај кој водечката улога ја имаа Американците. Споровите околу островите со Кина, кои повторно предизвикаа тензии кратко пред изборите, како и заканата од Северна Кореја, му дадоа аргументи на премиерот околу спорната тема за промена на уставот да го придобие населението на своја страна.