1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Нема преживеани во авионската несреќа кај Бејрут?

Рано утринава пред брегот на Либан се урна патнички авион на етиопската државна авио-компанија со вкупно 90 лица. Боингот 737 на „Етиопијан ерлајнс“ се наоѓал на пат од Бејрут кон Адис Абеба. Засега нема преживеани.

default

Ќе најдат ли сепак некој преживеан? Бродови и хеликоптери пред брегот на Либан

Претставник на авио-компанијата „Етиопијан ерлајнс“ на аеродромот во Бејрут изјави дека засега не располага со информации за преживеани. Исто така извор на либанската армија ги демантираше јавувањата дека војниците вклучени во спасувачката акција пронашле преживеани патници. Во акцијата учествуваат повеќе бродови и хеликоптери од земјата и од странство, меѓу нив и по еден брод од Германија и Италија. Ним досега им појде од рака да извлечат 12 тела на загинатите. Операцијата се одвива во отежнати временски услови на околу 3,5 км од брегот на Либан.

Гром причина за несреќата?

Според официјалните инфорации, токму лошите временски услови се најверојатно причина за несреќата. Авионот полетал ноќеска во 2:35 по локално време од меѓународниот аеродром во Бејрут и по само неколку минути контролната кула го загубила контактот со пилотот. Според очевидци на настанот се слушнал силен тресок и потоа виделе како авионот паѓа во морето обвиен во огнени јазици. Портпарол на аеродромските служби утринава тврдеше дека во авионот удрил гром.

Flugzeugabsturz Beirut Libanon Minister Ghazi Aridi

Министерот за сообраќај на Либан, Гази Ариди при пристигањето на аеродромот во Бејрут

Претставници на либанската армија потврдија дека во авионот имало пожар пред да се урне, но претседателот Мишел Сулејман посочи дека засега нема индиции за терористички напад. Либанскиот министер за сообраќај Гази Ариди оцени дека причина за насреќата се најверојатно лошите временски услови за време на полетувањето.

Доверлива авио-компанија

Меѓу патниците на боингот 737 се наоѓале претежно либански и етиопски граѓани. Според списоците на авио-компанијата „Етиопијан ерлајнс“ 51 патник бил од Либан, 23 од Етиопија, два од Велика Британија, а останатите потекнувале од Франција, Турција, Русија, Канада, Сирија и Ирак. Извори на либанската армија потврдија дека меѓу нив се наоѓала и сопругата на францускиот амбасадор во Либан.

„Етиопијан ерлајнс“ се смета за модерна и доверлива авио-компанија со релативно нови авиони. Таа има и подолга традиција, основана е во 1945 година. Во моментов „Етиопијан ерлајнс“ покрива 56 цели на четири континенти, меѓу кои е и Франкфурт на Мајна. Во 2008 година ја доби наградата за најдобра авио-компанија на африканскиот континент.

Автор: ГЧ/АТ/дпа/афп

Редактор: Жана Ацеска