Нема преговори со Хрватска без претходна испорака на Анте Готовина | Теми на денот | DW | 15.03.2005
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Нема преговори со Хрватска без претходна испорака на Анте Готовина

Хрватска се соочува со големи проблеми поради нејзините односи со Хашкиот Трибунал. Неизрачувањето на обвинетиот генерал Анте Готовина дефинитиво го доведува во прашање почетокот на нејзините преговори за пристап кон ЕУ закажан за в четврток . Последната порака од Унијата пристигна вчера: Преговорите нема да започнат доколку Готовина до 17 март не се најде во Хаг.

Клучот за Хрватска е да го уапси и испорача во Хаг, Анте Готовина

Клучот за Хрватска е да го уапси и испорача во Хаг, Анте Готовина

Претседавачот со ЕУ , премиерот на Луксембург , Жан Клод Јункер уште еднаш се потруди јасно да го повтори повеќепати повторениот став на Унијата дека Хрватска може да заборави на почетокот на преговорите за приклучување в четврток , доколку генералот бегалец Готовина , дотогаш не се најде во притворот во Шевенинген.

„Преговорите ќе започнат на 17 март само под услов генералот Готовина , да биде израчен , и тоа мора да се случи“- соопшти луксембруршкото претседателство .

Јункер притоа потсетил дека конечната одлука дали преговорите ќе започнат или не на 17 март ќе ја донесат министрите за надворешни работи на ЕУ на утрешниот состанок , притоа додавајќи дека во моментов го нема потребниот консензус за давање зелено светло за такво нешто.

„Условите не се исполнети“ –нагласи премиерот на Луксембург потсетувајќи на заклучоците од Самитот на ЕУ во декември минатат година.

Министер за правосудство на Хрватска Весна Шкаре Ожболт смета дека Загреб во текот на последната година целосно соработува со Хаг, со мали исклучоци. Случајот Готовина според нејзе е единствениот нерешен од вкупно 626 случаи. Станува збор за хрватски парадокс, бидејќи се повторува нерешителноста на маѓународната заедница од 90 години која резултираше со агресија, војна и страшни злосторства, вели Ожболт и додава:

„ Сега повторно се појавува случај на талкање, двоумење, па и делби во редовите на самата ЕУ околу тоа дали треба да започнат преговорите со Хрватска, или треба да се чека додека Србија, Црна Гора и БиХ не бидат подготвени„ изјави министерот за правда на Хрватска која смета дека одложувањето на преговорите би ги зајакнало антиевропските гласови во Хрватска што уште повеќе би ја усложнило ситуацијата.

Благодарност за политиката на Унијата кон Хрватска вчера во Париз, изрази главната обвинителка во Трибуналот , Карла Дел Понте која се сретна со францускиот претседател Жак Ширак

Портпаролот на Елисејската палата Жером Бонафон го повтори ставот дека ЕУ би можела да донесе одлука за почеток на пристапните преговори за Хрватска , само доколку утврди целосна соработка со хашкиот Трибунал.