1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Нема помош за жртвите од серијата убиства на Роми

Унгарија пред 5 години беше потресена од серија убиства на Роми. Извршителите, десни екстремисти, во меѓувреме се осудени на долгогодишни затворски казни. Семејствата на жртвите,меѓутоа, до денес немаат помош од државата

Кога Ержебет Чорба погледнува од кујнскиот прозорец, го гледа местото на кое беа убиени нејзиниот син и внукот. На тоа место, оддалечено од нејзиниот дом само неколку чекори, има урнатини. Постојано и‘ се враќаат сликите на нејзиниот син Роберт, крвав во снегот и сеќавањата како подоцна го држи внучето, малиот четирииполгодишен Роби, на раце, изрешетан. „Со тие сеќавања се будам, со тие мисли легнувам“, вели 49-годишната Ержебет.

Тотарсенѓорѓи е село на 55 километри јужно од унгарскиот главен град Будимпешта. На неговата периферија, во сиромашни куќички живеат неколку ромски семејства. Семејството Чорба има куќа на крајот, на прагот на шумата. Пред 5 години, ноќта кон 23 февруари 2009 година, десни екстремисти ја нападнаа куќата на Роберт Чорба и со пушки пукаа врз членовите на фамилијата кои се обидуваа да избегаат. Таткото и синот се убиени, една ќерка преживеа со тешки повреди, мајката беше лесно повредена.

Тоа беше втор од серијата напади во кои десни екстремисти убија шестмина Роми, а повредени беа 55 луѓе, исто така речиси исклучиво Роми. Злосторството во Тотарсенѓорѓи беше пресврт во серијата убиства и напади - од тој момент истрагата почна да ги третира делата како расистички мотивирани напади.

Ungarn Roma Morde Erzsebet Csorba

Ержебет Чорба

Шест месеци подоцна, на крајот на август 2009 година, извршителите беа фатени - четворица фанатични десни екстрмоисти, познати на властите, кои речиси до почетокот на серијата напади во летото 2008 година биле под надзор на тајните служби. Тројца од нив, на почетокот на август минатата година, беа осудени на доживотен затвор, додека еден нивен соучесник доби казна затвор во траење од 13 години.

Ungarn Roma Morde Grabstein Csorba

Гробот на Роберт Чорба и неговиот син

Уште во септември 2009 година, тогашниот министер надлежен за тајните служби, Адам Фицор, призна дека биле направени големи пропусти во истрагата и рече дека извршителите можеле да бидат фатени и порано и дека последните две убиства со тоа можеле да бидат и спречени. И покрај ваквото признание, семејствата на жртвите и повредените кои ги преживеаја нападите досега немаат добиено обесштетување. Ниту еден висок претставник на државата, ниту од редовите на социјалистчко-либералната коалициона влада која во тоа време беше на власт, ни од редовите на конзервативната влада на Орбан, не изрази јавно сочувство и не се извини за грешките во истрагата

Обесштетување треба да стигне - некогаш

Непосредно по завршувањето на судскиот процес, владата на Орбан на прежиеваните и на семејствата на жртвите им вети обесштетување кое би го добиле многу бргу. Борци за човекови права и адвокати претходно со драматични апели го вртеа вниманието на јавноста врз ситуацијата на погодените. Речиси сите живеат во најголема сиромаштија, во пропаднати куќарки. „Тие постојано се соочени со финансиски секојдневни грижи и често не можат да си ги платат сметките“, изјави во 2009 година либералот Јозеф Гујаш пред парламентарната истражна комисија задолжена за расветлување на убиствата на Ромите.

Гујаш се грижи за дел од преживеаните и роднините, од своите пријатели и познаници собира донации за нив. Но, жртвите и семејствата немаат само финансиски грижи. Многумина страдаат многу од психички проблеми, кои се последица на нападите, не се работоспособни и не можат да си дозволат соодветна медицинска нега. Сопругот на Ержебет Чорба починал пред една година. Од жал за синот и внукот, вели таа.

Ungarn Roma Morde Häuser in Tatarszentgyorgy

Куќи на Роми во Тотарсенѓорѓи

Владата всушност сакаше да го реши прашањето на обесштетување до крајот на октомври 2013 година. Но тоа не се случи. Дури на почетокот на февруари министерството надлежно за социјала и малцинства ја ополномошти унгарската канцеларија на организацијата за помош на жртви „Бел синџир“ да ги утврди условите во кои живеат жртвите и семејствата. Во меѓувреме, претставници на организацијата ги посетија погодените. До крајот на месецов на министерството ќе му биде поднесен завршен извештај со предлози за помош, изјави за Дојче веле, Ласло Фугеди, претседатавач на „Бел синџир“ во Унгарија. Колку долго сето ќе трае и кога ќе стигне обесштетувањето за жртвите, е нејасно.

Ержебет Чорба посакува да може да си замине од селото, заедно со семејството. Таа, нејзините деца и внуци се‘ уште живеат во страв во нивната куќичка на прагот на шумата. Ережебет Чорба би сакала да постави висока ограда околу дворот, но за тоа нема пари. Синовите и внучињата понекогаш ноќе се бидат од сон преплашени и убедени дека слушнале шумови. Ержебет Чорба ги теши и смирува, но кога е сама со себе се прашува - дали надвор повторно демнат убијци?