1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Нема повеќе спиење до пладне!

Германскиот високообразовен систем изврши голема реформа за да се усогласи со европскиот систем на студирање. Се смени и начинот на оценување. Како студентите се снаоѓаат со промените?

default

Полагање на испит

Студентите во Германија, наместо досегашните дипломи за завршени студии или за магистер, од годинава ќе добиваат дипломи Мастер и Бачелор. Ова е дел од реформата којашто беше извршена во германскиот високообразовен систем, со цел да се усогласи со европскиот систем за студирање. Се смени и начинот на оценување, такашто повеќе не се употребуваат досегашните училишни оцени. Сега ширум светот се оценува со таканеречен „кредит трансфер систем“. Ниту завршниот испит веќе не е единственото мерило за стекнатото знаење, туку во предвид се зема поединечниот успех на студентите. Ова значи дека младите се под постојан притисок и мора да покажат што научиле. Како студентите се снаоѓаат со овие промени? Дали тие сега воопшто имаат време да се забавуваат?

Нема многу време за забава

Бенедикт и неговите пријатели студираат според новиот систем. По три години треба да добијат Бачелор диплома. Сепак, покрај тоа што постојано мора да учат и да ги покажуваат своите знаења, тие редовно се среќаваат и наоѓаат време за забава. Честопати одат и во диско, каде остануваат до раните утрински часови. Додуша само за викенд.

Deutschland Messe Popkomm in Berlin

Во диско само за викенд

Бенедикт е студент по комуникологија. Задача која сериозно си ја сфаќа, особено поради фактот што сам ги финансира студиите. „Секојдневието ми е исполнето со многу обврски. Посебно последните два семестра, речиси и да немав слободно време. Кога дојде и испитната сесија, беше страшно.“

Ана не излегува често. Одвреме на време оди на концерт. Таа студира социологија и германистика. Амбициозна е и ги исполнува плановите, такашто не и‘ останува многу време за забава. Таа мора да ги заврши Бачелор студиите во предвидениот рок, за потоа да може да го продлабочи своето знаење и да добие диплома Мастер. „Овој семестар имав пет реферати, пишувам една семинарска работа, еден есеј, имам два испита. Тоа навистина е многу.“

Навиките мора да се променат

Со реформата на образовниот систем, и студентите мораа да си ги променат навиките. Според една студија, спроведена од страна на еден онлајн портал, тие сега во просек, стануваат во 7 часот и 38 минути. Спиење до пладне речиси никој веќе не може да си дозволи. И Ана се прилагоди на ова темпо. Нејзиниот ден почнува во осум часот со појадок и чај.

Обврските на студентите се различни. Многу зависи и од тоа на кој факултет студираат, дали имаат еден или два главни предмети, дали одбрале споредни предмети или не. Ханес на пример има само еден спореден предмет и студирањето не му претставува оптоварување.

Bayerische Staatsbibliothek München Blick in den Lesesaal

Студентите се повеќе наместо во кафуле одат во библиотека

„Имам доволно време да подработувам или да се ангажирам на друг начин. Повеќето луѓе што ги познавам се вклучуваат во студенските иницијативи, студенската управа или слично, а тоа се доволно обврски.“

Клучен е поединечниот успех!

Даниел Нелеке, студиски советник по предметот социјални науки, мисли дека се создава мит оти студентите сега учат повеќе. Според него, студирањето според новиот образовен систем не значи автоматски и повеќе работа. Обемот на учење во споредба со порано не е многу зголемен. Разликата е во тоа што сега се вреднува секое поединечно достигнување. „Мислам дека студентите сами се ставаат во стресна ситуација со тоа што ги посматраат другите студенти.“ На тој начи се создава нова свест меѓу студентите. „Имам впечаток, дека понекогаш дури звучи кул, кога студентите велат: вечерва нема да излезам во кафуле, нема да одам ни во диско, туку ќе останам да учам. Веќе не е модерно да се каже ’Колку алколхол испив вчера!’ туку ’Синоќа учев до три часот по полноќ’“, вели Нелеке.

Дали студентите навистина имаат повеќе за учење или тоа е само мит, младите во секој случај не сакаат да се откажат од забавите иако се’ си има своја цена. „Тоа оди на сметка на факултетот, бидејќи ако излезам, немам време да прочитам некој текст со таков интензитет, како што вообичаено правам“, вели Ана. За Бенедикт, клучно е да се постават приоритети. „На пример, не се гледам често со моето семејство или многу ретко се среќавам со пријателите. Затоа во сабота имам време да излезам, и тоа максимално го користам. Тоа е многу важно за мене.“

Оние пак, кои не сакаат да се откажат од забавите во текот на работната недела, од диско одат директно на предавање. И тоа е можно, но тогаш младите воопшто не спијат.