1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Нема план „Б“ за Македонија

Потребно е да се остане одлучен во напорите, нема план „Б“ за Македонија, вели портпаролот на француското министерство за надворешни работи, Бернар Валеро, поранешен амбасадор на Франција во Македонија.

default

Француското министерство за надворешни работи во Париз

Разговорите што ги водеше со македонскиот министер за надворешни работи, Никола Попоски, Валеро ги оцени како „топли“, за време на кои долго зборувале за билатералните француско-македонски односи. Притоа исто како и при разговорите што Попоски ги водел и со Жан-Давид Левит, дипломатскиот советник на претседателот Никола Саркози, биле разгледани и главните меѓунардни прашања како и тие од регионот на Балканот.

Што се однесува до позицијата на Франција за кандидатурата на Македонија за членство во Европската унија и НАТО, портпаролот на Кеј Д’Орсеј во изјавата за Дојче веле потсетува дека Франција ја поддржува Македонија.

„Потсетувам колку многу Франција ја поддржува Македонија и посакува да биде направено сè за да се подигнат најбрзо што е можно пречките, посебно тие околу прашањето за името.“

Кога побаравме дообјаснување дали ќе може да се напредува побрзо во интеграцијата на НАТО и ЕУ, без притоа да биде најдено решение на проблемот со името, одговорот на портпаролот на француското министерство за надворешни работи е повеќе од јасен:

„ Потребно е да се остане одлучен во напорите, нема план ’Б’“, изјави Валеро.

Париз бара дијалог од Скопје и Атина

Веднаш по донесувањето на пресудата на Меѓународниот суд на правдата од Хаг, која, според она што на дипломатски јазик ни беше речено од официјалниот претставник на француската дипломатија, нема да промени многу нешта во евроатлантските интергации на Македонија, беше побарано од Македонија и од Грција да се посветат на дијалогот за решение на спорот за името.

Париз не ја игнорира пресудата донесена на 5-ти декември, „таа е земена во предвид“, но притоа се повикуваат политичките раководители на двете земји да извлечат поука од пресудата.

„Ние ги повикуваме политичките раководители на двете земји да извлечат поука од пресудата и повторно да воспостават дијалог и контакти, како и да се посветат на дијалогот на конструктивен начин, со цел да се постигне заемно прифатливо решение за разликата околу името“, беше нагласено.

За Франција која се наоѓа во предизборна трка, во која претседателот Никола Саркози се бори да се стекне за втор мандат, сигурно дека не е многу приоритетно решавањето на овај проблем.

Во моментов, како што признава и лично министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Попоски, а тоа го потврдуваат и многу други европски дипломати, главниот интерес е спасот на Грција и со тоа на еврозоната. И никој директно или барем јавно не ја притиска Атина да попушти околу евроатлантската интерграција на Македонија, и посебно околу НАТО по пресудата во Хаг.

Земјите членки на НАТО и ЕУ треба да бидат информирани за придобивките од членството на Македонија

„Наша цел е да ги информираме за актуелниот контекст и да ги презентираме сите наши аргументи кои се неоспорни: дека Македонија може да стане членка на НАТО и да ги започне преговорите со ЕУ. Мислам дека она што ги преокупира во моментов во поглед на Грција не се пречките кои што таа ги поставува за понатамошното проширување и за Алијансата и за ЕУ, колку што е тежината од можен и неконтролиран банкрот на Грција. И тоа објективно влече најголем дел од енергијата и влијанието во поглед на Грција“, изјави Никола Попоски за Дојче веле.

Видувањето на македонската влада е дека не смее да се допушти дека таквата исклучително драматична ситуација во Грција да се претвори во „отворена премолчена опструкција“ за влезот на Македонија во НАТО и почетокот на преговорите со ЕУ, кои според шефот на македонската дипломатија се „јасно заслужени и во никој случај немаат негативен ефект, нуту врз билатералните, а уште помалку врз регионалните односи“.

Nikola Poposki

Македонскиот министер за надворешни работи Никола Попоски

„Апсолутно ни е јасно, дека се бара едногласност. Но она што ни е од исклучително значење е дека останатите земји членки на НАТО и на ЕУ треба да бидат информирани за реалната ситуација и реалните придобивки со членството на Македонија во НАТО и почетокот на преговорите со ЕУ“, нагласува Попоски.

Според него, членството на Македонија во овие организации ќе биде придобивка за сите и „не треба да се фиксираме само врз гледиште на една земја-членка, кое дефинитивно не е базирано на придобивки и дефинирано како ’нелегално’ од аспект на нашето членство во НАТО“.

Шефот на македонската дипломатија констатира дека сега одлуката е во рацете на раководителите од Атина, „но тоа што гледаме е дека климата која постои не е охрабрувачка, бидејќи сите дебати одат во друга насока и не е покажан јасен сигнал дека има желба и волја за исчекор во позитивен правец“.

Попоски порачува меѓутоа дека ЕУ и НАТО треба соодветно да ја прифатат Хашката пресуда во спорот меѓу Македонија и Грција.

Автор: Тони Гламчевски

Редактор: Жана Ацеска