1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Нема пари што можат да го платат задоволството кога се помага некому

Свеста за волонтерството и филантропијата во Македонија секојдневно се зголемува. Само Црвениот крст има 5000 волонтери. Во Охрид неодамна на 42 филантропи поединци и фирми од регионот им беа врачени признанија.

Весна Теризоска седум години е волонтер во Црвен крст – Охрид. Таа е педагог во основно училиште и магистер по менаџмент на човечки ресурси. Речиси секојдневно навраќа во организацијата. „Волонтерството потополно ги исполни моите очекувања. Ми даде простор да ги дадам на услуга моите вештини знаења и способности. Чувството дека помагам некому, а за возврат не очекувам ништо, ме прави среќна. Во 35 национални друштва на Црвениот крст во Македонија има околу 5000 активни волонтери. Во Охрид можеме да се пофалиме со околу 1000 волонтери, од кои 700 се активни. Македонија има документи, односно стратегија за привлекување, обучување и задржување на волонтерите во своите редови. Ретки се државите кои можат да се пофалат со тоа. Па, секој човек може да ни се придружи и да го најде волонтерот во себе. Преку волонтеризмот и самиот волонтер расте, созрева и стекнува многу вештини кои подоцна ќе му помогнат во животот“, вели Весна.

Нема толку пари со кои може да се платат трудот и среќата на волонтерите

Црвениот крст има низа програми и актвиности кои успешно функционираат преку волонтерите. Промоција на хумани вредности е програма која постои веќе 16 години. Младите од 14 до 18 години се обучуваат како да стигнат до проект кој ќе е добредојден за поединци или заедницата. Минуваат низ интерактивна обука, се запознаваат, дружат, учат култура на дијалог. Црвен крст од Охрид во 2011 година доби пехар за најдобро изработени проекти во Македонија. Годинава на 5 декември - Светскиот ден на волонтеризмот – организацијата доби признание од Црвен крст на Македонија за посебни заслуги во остварување на целите и за развој на волонтерски практики преку вклучување на најмногу екипи за Прва помош во општинските натпревари.

Vesna Terzioska

Весна Терзиоска

„Лани имавме неколку успешни проекти. Ќе издвојам само два. Девојче од ромска националност на возраст од 10 години, преселено во Охрид, никогаш не посетувало настава. Беше неписмено. Младинците од проектот го зедоа и преку институциите на системот успеаја да го запишат во училиштето ’Григор Прличев’. Претходно три месеци работеа на негово описменување, самите му ги купија сите потребни нешта за во училиште. Горди сме на уште еден проект. Младинци од охридската гимназија на соученик кој потекнуваше од социјално загрозено семејство му овозможија да ја помине матурската вечер заедно со нив. Му обезбедија облека за три вечери и му ја платија матурската вечер. Проектот отиде подалеку. Бидејќи неговите немаа пари за да студира, момчето сакаше да работи. Нашите активисти, знаејќи дека доколку има возачка дозвола полесно ќе дојде до работа, му обезбедија бесплатно полагање во една од авто-школите, му помогнаа да најде работа. Моментално момчето работи како ди-џеј, го зачленија во велосипедски клуб каде што освојува награди и му обезбедија велосипед. Тој сега е наш волонтер и помага на други. Ги нема тие пари со кои може да се плати волонтерскиот труд, но ги нема и тие пари што можат да го купат задоволство коешто волонтерот ќе го доживее откако ќе помогне некому,“ потенцира Теризиоска.

Филантропија „Човекољубие на дело“

Неодамна на 42-ца филантропи, кои во изминатите неколку години организирале или поддржале хуман настан, добротворна активност или донирале средства за доброто на заедницата во Охридско-струшкиот регион, добија ,,Признанија за филантропија’’. Настанот го организираше Локалната агенција за развој од Струга поддржана од повеќе меѓународни фондации. „Наша цел беше да се промовира филантропијата во регионов. Намерно проектот не го поставивме како натпревар, бидејќи сметавме дека и најмалата донација дадена од срце е вреден гест. Наша цел е да покажеме дека сите, не само богатите, можат да се филантропи. Не е до големината на сумата, туку до желбата да се помогне. Филантропијата, слично како волонтеризмот, значи и донирано време, знање и вештини“, вели Катерина Василеска, координатор на проектот.

Mazedonien Auszeichnung für freiwillige und philanthropische Arbeit 2013 in Ohrid

Признанија за филантропите од Охридско-струшкиот регион

Паралено со изборот на филантропите беше промовиран и „Каталогот на филантропи“. „Наш тим работеше на терен и успеавме да лоцираме над 40 донаторски или хумани активности, реализирани или помогнати од поединци, од бизнис секторот или сервис клубовите. Каталогот се надеваме дека ќе придонесе во понатамошната промоција на филантропијата“, вели Јасминка Поповска, директор на Локалната агенција за развој од Струга.

Новинарот Елена Михајловска вклучена во изработката на каталогот вели: „Отидовме и чекор напред. На идните филантропи им посочивме неколку предлог проекти во Охрид и Струга во кои би можеле да донираат.“

„Сакаме настанот да прерасне во традиција, но дали ќе биде во форма на натпревар се‘ уште не знаеме. Тешко е да се одредат критериумите. Дали еден обичен работник кој донирал инвалидска количка е помал филантроп од некој бизнисмен кој врти милиони евра профит, а донирал 1000 евра некаде?“, се прашува Василеска.