1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Нема пари за „Еразмус“

Уште од 1987 година програмата „Еразмус“ им помага на студентите и доцентите да остварат студиски престој во странство. Но сега таа програма за стипендирање стана жртва на сопствениот успех и и’ се заканува да пресуши.

Во буџетот на „Еразмус“, според Европската комисија, недостасуваат околу 90 милиони евра. Ако не се обезбедат дополнителни средства, студентите ќе се соочат со кратења веќе во тековнава 2012/2013 академска година. Ова всушност значи дека студент кој добил место за размена во рамките на програмата „Еразмус“ за 2013 година, не може да биде сигурен дека и навистина ќе го оствари престојот во странство.

„Еразмус“ може да стане жртва на сопствениот успех: до октомври веќе беа искористени 99 проценти од буџетот за 2012 година, заради растечката популарност на програмата меѓу студентите. Побарувањето за дополнителни средства наидува на задршки кај повеќе европски влади, а некои европарламентарци укажуваат дека земјите на ЕУ во минатото во секоја можна пригода се фалеа со таа програма и уверуваа дека финансирањето е обезбедено.

Спор околу парите

Не ќе беше ли подобро претходно да се настојувало на согласност во Европскиот совет? Дорис Пак, претседател на Комитетот за култура и образование при Европската комисија, јасно вели: „Не станува збор за согласност. Ние не треба да преговараме за ништо. Треба да ни се даде она што ни припаѓа и на студентите да им се даде она што им беше ветено“. Таа бара дополнителни средства и тоа ни помалку ни повеќе, туку во рамките на она што било ветено пред пет години.

Во ЕУ денес има многу расправии околу парите. Во тек се ценкања не само околу финансиите за образовните програми во ЕУ, туку и за севкупниот буџет на Унијата за 2013, и особено за повеќегодишниот финансиски план на ЕУ за периодот од 2014 до 2020 година; можните финансиски пакети наменети за помош на земјите-членки кои се во криза воопшто и да не ги споменуваме.

Хелга Трупел, европратеник и претставник на Зелените за буџетски прашања, смета дека би морало да се штеди на вистински места - на пример кај субвенциите за тутун. Таа во невообичаено остра форма го критикува досегашното одбивање на Европскиот совет да даде согласност за дополнителни средства за „Еразмус“. „Тие го кршат договорот“, вели таа. „Ветија исплата на средства, а сега не ги даваат, со што нарушува кредибилитетот на Советот, а со тоа, за жал, и кредибилитетот на целата ЕУ. Ова е сериозна политичка грешка“, изјави Трупел во Стразбург.

Андреас Мавројанис, актуелен претседател на Советот на ЕУ, ветува итно решение, но не сака да наведе конкретна временска рамка. „Програмите за доживотно учење, вклучувајќи го и ’Еразмус‘, се едни од најуспешните образовни програми на ЕУ. Бидете сигурни дека нема да биде загрозено финансирањето на овие програми за академската 2012/2013 година“, ветува тој.

Успешен европски проект

Веќе 25 години програмата „Еразмус“ им нуди на младите луѓе од Европа шанса дел од студиите да го реализираат во странство. Само во 2010/2011повеќе од 30.000 Германци ја искористија оваа можност. Поддржувачите на програмата од европарламентот тврдат дека „Еразмус“ е успешна европска приказна, важна исто колку заедничкиот пазар или единствената валута.

Дури и ако студентите за време на престојот во странство можеби и не работат толку напорно колку на своите домашни универзитети, сепак тоа е круцијално искуство за нив, објаснува Хрисула Палиадели, професор по археологија на Универзитетот во Солун и член на Европскиот парламент.

„Веќе и само размена на идеи може да ги смени нашите претстави за другите и да им даде траен белег. Ова го согледувам и од своето искуство: имав многу студенти од странство кои студираа во Солун и забележав дека нивната претстава за Грција се промени на подобро,“ вели Палиадели.

Професорката е убедена дека „Еразмус“ е важен за европската интеграција, оти придонесува за ублажување на противречностите и за релаксирање наспоровите. Програмата има особена вредност веќе и поради таквото проширување на хоризонтите, а покрај тоа нуди и шанса многу подобро да се научи некој странски јазик.

25 Jahre Erasmus

Веќе 25 години програмата „Еразмус“ им нуди на младите луѓе од Европа шанса дел од студиите да го реализираат во странство

Свежи идеи за иднината

Од буџетот на „Еразмус“ се покриваат административните трошоци и пред се’ - се финансираат стипендиите за студентите кои се селектирани за престој во странство. Стипендијата во просек изнесува околу 200 евра за месец, што е само скромно учество во трошоците на студентот, вели Дорис Пак, претседател на Комитетот за култура и образование при Европската комисија. Таа повеќе пати безуспешно предлагаше да се покачат стипендиите, но се надева дека ќе има подобривања во новата програма од 2014, ако дотогаш бидат расчистени сите прашања за финансирањето.

„За тековнава програма тоа не е можно бидејќи ние утврдивме износ од 200 евра, но во суштина тоа е неправедно и значи дека ’Еразмус‘ не е за сите, туку во странство можат да одат само оние, кои имаат и други извори на финансирање - родители, баби и дедовци или ако во меѓувреме работеле“, вели Пак.

За да се поправи тоа во иднина, има планови да се направи можност за студентите не само да поминат една година во странство туку и да ги поминат целите свои постипломски студии во друга земја, како и притоа да можат да го финансираат ова со студентски кредит со поволна каматна стапка. Тогаш ЕУ би интервенирала и би била гарантирала за тој кредит, објаснува Пак.

Поврзана содржина