1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Нема отштета за српските жртви кај Варварин

Нема отштета за роднините на жртвите на мостот кај Варварин, тоа е одлуката на Уставниот суд на Германија, за која пишуваат германските весници. Тема во нив е и финансиската криза во која се наоѓа Словенија.

Весникот „Тагесцајтунг“ пишува за одлуката на Уставниот суд на Германија од Карлсруе во врска со тужбата за нападот на НАТО на мостот кај српското гратче Варварин во текот на бомбардирањето на Србија во 1999.година:

„Сојузна Република Германија не мора да им плати отштета на жртвите и преживеаните по нападот на НАТО, кој можеби не бил во согласност со меѓународното право. Уставниот суд на Германија го одби барањето за отштета, но ги олесни идните тужби. Тужбата ја подигнаа 35 српски државјани, кои за време на воздушниот напад на НАТО на 30.мај 1999. година беа ранети или загубија некого од своето семејство. Два борбени авиони на НАТО тој ден го бомбардираа мостот во гратчето Варварин, јужно од Белград. Меѓу другите, во нападот загинаа и три девојчиња. Во вториот напад беа погодени луѓе кои се обидуваа да им помогнат на настраданите во првото бомбардирање. Билансот беше -10 убиени цивили, 17 тешко ранети. Притоа, мостот се наоѓаше далеку од воените збиднувања и од воен аспект беше целосно неважен. Германските воздушни сили, навистина не учествуваа во нападот, но за изборот на цели во текот на нападот заеднички беа одговорни државите-членки на НАТО.

Обвинението беше подигнато во Германија, благодарение на Германското движење за мир. Општинскиот суд во Бон, Вишиот покраински суд во Келн и Сојузниот врховен суд го одбија барањето за отплата на отштета. Ниту Уставниот суд во овој смисол не се двоумеше. Во пресудата стои - не е во согласност со меѓународното право отштета да бараат поединци. Отштета од некоја држава можат да бараат само други држави. Во пресудата исто така е наведен фактот што германската страна немала сознанија за конкретните планови на нападот, па затоа не може ни да сноси правна одговорност“, пишува „Тагесцајтунг“. Истиот весник во коментарот за случајот констатира:

„Екстремните случаи не се добра сонова за нови правила. Тоа е стара правничка мудрост. Дотолку не е изненадувачки што германскиот Уставен суд не го прифати нападот на НАТО на мостот во малото српско место Варварин како повод за револуционерно јакнење на позициите на воените жртви. Зашто, кога нема недвосмислени докази за учество на германски војници во овој напад, нема основа ни за тужба против Германија. Но, следниот, подобар случај веќе може да се насети. Моментно пред Покраинскиот суд во Бон се наоѓа тужбата на жртвите на бомбардирањето во Кундуз. Тука никој не може да каже-Германија не учествуваше. Дури, крајно германскиот офицер Клајн ја даде наредбата“, констатира „Тагесцајтунг“.

На Словенија и‘ треба помош

Весникот „Ди велт“ пишува дека на словенечките банки им е потребна финансиска инјекција:

„Словенија, според проценките на Источноевропската банка, нема да може да избегне финансиска помош од странство. На оваа земја од еврозоната и‘ треба помош за санирање на нејзиниот банкарски сектор, изјави шефот на банката, Ерик Берглоф. Прашање е дали тоа може да се направи без формална програма на ЕУ и ММФ. Владата клони кон тоа, но мора да преземе нешто, изјави Берглоф. Досега оваа влада се противеше на барањето помош од Европскиот фонд за спас на еврото“, пишува „Ди велт“.