1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Нема одговор како до почеток на преговори за Македонија

Позицијата на Европскиот парламент во однос на Македонија е позната. Таа е изразена во неколку по ред резолуции во кои се бара почеток на преговорите без натамошино одлагање.

Почеток на пристапните преговори на Македонија со ЕУ ќе биде побаран и со најновата резолуција на ЕП, предложена од британскиот европратеник Ричард Хауит, за која европратениците ќе расправа на почетокот на наредната година. Во оваа резолуција, од европратениците се бара да се изјаснат за изработка на квантитативна анализа на социјалните, политичките и економските последици, кои произлегуваат од продолжувањето на неуспехот на Македонија да направи напредок во пристапувањето кон ЕУ, како за земјата така и за нејзините соседи.

„Силно и јасно велам дека Македонија заслужува преговорите да почнат и тоа е мојата нова порака до Советот. Се надевам дека и понатаму ќе имам позитивно влијание во земјата и верувам дека ЕП со своето влијание ќе направи разлика во Брисел при дискусиите со земјите-членки, за евентуално да се надмине блокадата“, нагласува Хауит.

Richard Howitt Europäisches Parlament

Ричард Хауит

Почетокот на преговорите за Македонија, според британскиот европратеник од редовите на втората политичка група во ЕП – Социјалистите, кој е задолжен за следење на напредокот на Македонија „е во интерес не само на земјата, туку и на ЕУ“.

Блокадата е неоправдана

Во Европскиот парламент сепак не владеат илузии дека Европскиот совет на Самитот во наредните денови ќе донесе одлука за земјата да ги почне преговорите. Информациите кои доаѓаат од Скопје и одат Атина одат во таа насока.

Претседателот на Европските народни партии и лидер на оваа политичка група при ЕП, Жозеп Дол, силно поучен од случајот со Украина за ДВ е директен:

„ Искрено, јас сум многу загрижен со она што се случува во Украина. На прашањето со Македонија јас ќе се посветам на почетокот на јануари. Бидејќи убеден сум дека треба да се напредува по ова досие. Блокадите се неоправдани“, вели тој.

По свртувањето на грбот на Европа од страна на украинските власти, лидерот на Европските народни партии смета дека треба да се извлечат сите поуки.

EU EPP - Joseph Daul

Жозеп Дол

„Или ќе се организираме и ќе си ја завршиме нашата работа, или другите како Русите ќе ја направат на наместо нас. Како претседател на Европската народна партија, Балканот ќе биде еден од моите приоритети. Јас на два пати ја имам посетено Македонија и мислам дека таа не претставува закана за Грција, затоа уште од самиот почеток на идната година ќе се погрижам за ова прашање“, ветува Дол.

Суверенистите не и советуваат на Македонија да влегува во ЕУ

Во однос на прашањето на проширувањето и случајот со Македонија, ДВ и постави прашање и на европратеничката Марин Ле Пен, претседателката на францускиот Национален Фронт, која во моментов работи на предизборни сојузи за засилување на присуството на суверенистите и на националистите во Стразбур.

„Ние сме против проширувањето, бидејќи јас сакам да излеземе од Европската Унија. Затоа не им советувам на моите пријатели од Македонија да влезат во овај ‘пекол’. Европската Унија е синоним за невработеност, сиромаштија, губење на суверенитетот, губење на демократијата. Таа умира самата од себе си, затоа не е потребно да се приклучуваат нови земји кон неа, тоа би било како некој да сака да му се приклучи на Советскиот сојуз во 1990 година“ , вели таа и додава

„Ова не значи дека за Македонија нема место во една ‘Европа на нации’, Европа на слободни и суверени нации и соработка. Европа која може да биде многу голема. Во актуелнава ЕУ, проширувањето ја ослабува земјата која влегува, исто како и постоечката структура“.

Marine Le Pen Front National 09.11.2013

Марин Ле Пен

Марин Ле Пен, на која и предвидуваат силен пробив на идните европски избори, не сака да зазема позиција за спорот со името. „Ние и така имаме доволно проблеми во Франција, за да ги решаваме споровите меѓу Македонија и Грција“, завршува таа.

Има идеи

Со исклучок на противниците на прширувањето, најголемиот дел од европратениците ја делат идејата на еврокомесарот за проширување Штефан Филе, Македонија да ги започне преговорите, а прашањето за името да се решава во нивната рана фаза. Но како што стојат нештата најверојатно тоа нема да биде прифатено од Советот на крајот од неделава. Штефан Филе, кој минатата недела во Стразбур имаше средба средба со европратениците кои се интересираат за земјите од Југоисточна Европа, како што дознавме, тој воопшто не се осврнал на прашањето со Македонија, како тоа да се остава за идната година и новите инсититуции на Европската Унија.