1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Нема нов предлог за името

Медијаторот на ОН во спорот со името Метју Нимиц не сака да ризикува неговиот предлог да биде повторно одбиен, како што тоа се случувало многупати, па затоа нов предлог нема. Сепак, тој гледа светло на крајот од тунелот!

default

Зоран Јолевски (л.) и Метју Нимиц (д.)

По средбата со македонскиот претседател Ѓорге Иванов во Њујорк, посредникот на ОН Метју Нимиц рече дека гледа зголемена доверба меѓу двете страни во спорот и доколку дијалогот се води на високо ниво може да дојде до решение. Состанокот со претседателот Иванов го оцени како позитивно. Нимиц не сака да поставува рокови:

„Го правам ова многу години во име на ОН и секогаш имав правило да не правам претпоставки за крајните рокови затоа што мислам дека самонаметнати рокови никогаш не се добри за ваков тип на преговори, тие креираат лажни очекувања и исто така создаваат непотребни разочарувања, доколку роковите се промашат. Затоа не би зборувал за рокови. Би рекол дека работејќи на ова прашање долги години, ми се чини од 1994 година, сигурно гледам дијалог кој ми дава реалистични очекувања дека за проблемот може да се најде заемно решение, во кое двете страни ќе чувствуваат дека постигнале национални цели и ќе ја заштитат националната гордост на двете страни.“

Јолевски: Македонија сака решение

Македонскиот преговарач Зоран Јолевски инсистира - Македонија сака решение, но само такво кое ќе биде во рамките на националните црвени линии:

„Претседателот Иванов го информира медијаторот Нимиц за позицијата на Република Македонија по ова прашање, при што ја истакна определеноста и посветеноста на Македонија за што побрзо изнаоѓање на заемно прифатливо решение кое ќе го заштити дигнитетот на македонските граѓани.“

Утре средба Нимиц-Друцас

Медијаторот Нимиц утревечер се среќава со грчкиот министер за надворешни работи Димитрис Друцас, кој денеска на брифинг со грчките новинари во Њујорк ја повторил грчката црвена линија. И тој и грчкиот премиер Папандреу сакаат да се сретнат со премиерот Груевски, но на грчките новинари им рекле дека тие средби не можат да ја сменат суштината на грчката позиција, која нема да биде променета, а ќе се случела исклучиво во Обединетите нации.

Автор: Горан Момировски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска

DW.COM