1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Нема нови проширувања без продлабочување на Европската Унија

Европратениците вo тричасовната расправа, која вчера попладнето се водеше во Стразбур, изразија сериозни сомневања за капацитетите на унијата да прифати нови земји членки, додека другите го критикуваа ваквиот пристап.

Ангелика Беер: “Сигналот од Салцбург е различно разбран“

Ангелика Беер: “Сигналот од Салцбург е различно разбран“

Известувачот, германскиот европратеник од редовите на демохристијаните, Елмар Брок, инаку претседател на Комисијата за надворешни работи на Европарламентот стави пред се акцент токму врз капацитетот на ЕУ да апсорбира нови земји членки, поточно стриктното почитување на критериумите зацртани во Копенхаген.

Ако овој инструмент се сфати сериозно, тогаш: „Една земја, која иако ги исполнува сите услови за членство во Унијата, може да не биде примена, бидејќи Унијата не е способна да ја апсорбира таа земја. Тоа размислување се досега сакавме да го избегнеме, бидејќи не сакавме една друга земја да страда заради нашата неспособност да напреднеме во процесот на реформите. Затоа овај предлог го поддржав со помешани чувства“, рече Брок.

За прв пат европратениците го поставија и прашањето на границите на Унијата по приемот на Романија и Бугарија во 2007 година, иако Хрватска веќе ги има започнато преговорите, а Македонија има каднидатски статус.

Но, според расположението кај европратениците нема да биде лесно за овие понапреднати балкански земји. Се побројни и, би рекле, погласни се оние кои сакаат проширувањето да запре по 2007.

„По Бугарија и Романија, не може да има нови земји членки, кредибилноста на Унијата е да ги исполни ветувањата, но и да каже што е можно, а што не“, истакна германскиот европратеник, Хелмут Куне од редовите СПД, кој се приближи до ставовите на француските европратеници, кои се скептични околу идното проширување, без разлика дали се од десницата или од левицата.

„Европратениците од УМП, ја делат визијата и перспективата на Европската комисија и се убедени дека без Балканот европското обединување не е завршено. Но, како за Балканот, така и за другите земји, треба да бидат поставени вистинските прашања. Дали граѓаните на Унијата и земјите членки се подготвени да прифатат нови земји членки? Франција како што сега стои во нејзиниот устав, за тоа ќе се изјаснува на референдум за секое ново проширување по тоа на Бугарија, Романија и Хрватска. Тоа е реалност,“ нагласи француската европратеничка, Маржи Судр, од редовите на десницата.

Анеми Нејтс-Ујтеброк, од редовите на сојузот на либералите и демократите изрази разочарување од овие настапи, посебно околу тоа дека „судбината на Западен Балкан се поврзува со капацитетите на ЕУ да се реформира“.

Урсула ПлаСник пред европратениицте за декларацијата усвоена во Салцбург, нагласи: “Тоа е порака на охрабрување за балканските земји, бидејќи со неа се зацврстуваат нивните европски перспективи, и тие сега на хоризонтот гледаат конкретни можности“.

„Ние ставивме акцент врз личната одговорност на секоја од овие земји, бидејќи денес во некои од овие земји по фазата на стабилизација, потребно е да се премине во европска динамика.“ Тоа според австриската министерка за надворешни работи, подразбира и реализирање на зона за слободна размена во регионот.

Ангелика Беер, од редовите на зелените, не се согласи со Пласник, оценувајќи ја декларацијата од Салцбург како слаба и разочарувачка:

„Таа не е сигнал на охрабрување, таа е сигнал на недоразбирање. Г-динот Брок кој беше во Салцбург, во германските медиуми зборува за „крај на перспективата на Западен Балкан за ЕУ“, тоа значи „трет пат или привилегирано партнерство“. Ако е тоа патот кој ќе биде следен, јас не се согласувам и барам зачувување на европската перспектива за Балканот.“

Во предложената резолуција на ЕП, за која ќе се гласа денеска, преовладува принципот: „нема нови проширувања без продлабочување на Европската Унија“.