1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Нема нова ЈУ, туку регион подготвен за ЕУ

Не се формира нова Југославија, туку се воспоставува посилна соработка, уверуваат поддржувачите на нови регионални проекти

default

Наскоро хрватски борбени авиони ќе ја чуваат безбедноста на македонското небо, но и воздушниот простор на Црна Гора и Босна и Херцеговина. Веста дека четири бивши ју-републики ќе спијат мирно под крилата на хрватските авиони, можеби ќе беше изненадувачка, ако не и претходеа други, контекстуално слични: „Западнобалканска шесторка (Г-6) ќе формира нова Југославија", „Ју со Косово и Албанија, минус Хрватска и Словенија".

Најавените детали за планиран заеднички парламент и полиција (БАЛПОЛ), а сега и за одбрана на македонското небо, ја интригираат македонската јавност - навистина ли се создава нова Југославија?

Иницијаторите за посилно поврзување на балканските земји се категорични- не е целта формирање нова Југославија како ентитет!

За Г6" ќе се разговара во Њујорк

Во македонското Министерство за надворешни работи потврдувааат дека станува збор само за иницијатива за регионална соработка.

„Се разговара за поголема соработка меѓу земјите во неколку сфери: вложување во инфраструктура, намалување на трансакциските трошоци за стопанството и борба против организираниот криминал. Целата на оваа соработка е земјите подобро да се подготват за идното членство во Европската унија, а не во насока на обновување на Југославија", објаснуваат од МНР за Дојче веле.

Тие потврдуваат дека е закажана средба на министрите за надворешни работи на шесте земји, која ќе се одржи на маргините на Генералното собрание на ОН во Њујорк. Таму ќе биде договорено како и со која динамика ќе течат натамошните активности.

И црногорскиот министер за надворешни работи Игор Лукшиќ, иницијатор на идејата за Г-6, деновиве објаснуваше дека е погрешно разбран.

„Благодарение на некои медиумски интерпретации мојата иницијатива отишла во погрешна насока, за обновување на Југославија, што е погрешна теза. Нам ни треба поврзување преку ЕУ, но тоа можеме да го постигнеме ако покажеме дека ова не е Балкан од врежаната перцепција. Иницијативата за западнобалканска шесторка е насочена во правец земјите преку соработка да се подготват за

Kampfjet F16

Хрватски борбени авиони ќе го обезбедуваат воздушниот простор на повеќе балкански држави

идното членство во ЕУ", изјави Лукшиќ за регионалните медиуми.

Паметна одбрана" во кризни времиња

„Паметна одбрана" е името на регионалниот проект за заедничка противвоздушна одбрана, за кој, како што пишуваат црногорски медиуми, „одлуката била донесена пред две години во Драч, на состанок на министрите за одбрана на Јадранската повелба". Некои стравувања искажани во Црна Гора, дека на тој начин се губи суверенитетот не само врз војската, туку и над територијата, се демантирани од примерот и искуството на Словенија, чие небо со години било штитено од военото воздухопловство на Италија. Во македонското Министерство за одбрана, посочуваат дека ова е само еден од многуте видови регионална соработка, кои се јавно и транспарентно наведени во Белата книга на одбраната. По прашањето за воздушната одбрана во неа се вели: „Националните одбранбени реформи во услови на економска криза, се голем предизвик пред кој се исправени сите држави во регионот. Лекциите од историјата говорат дека периодите на економски кризи се и можност за појава на нови идеи и концепти кои ќе ни овозможат порационално однесување и подобри резултати. Во тој дух, Република Македонија е убедена дека иновативниот концепт на НАТО наречен „паметна одбрана" може да претставува стратегиски водич во справувањето со современите предизвици и тоа не само за нас, туку и за целиот регион".

Како што е објаснето, иницијативата за балкански регионален пристап за воздушна одбрана е прв проект за изградба на регионални капацитети, а „Македонија верува дека тој заеднички пристап може да се примени и во други проекти од областа на модернизацијата на националните вооружени сили, за што ќе следат интензивни дијалози со државите од регионот" .

Соработката е неизбежна

Многу поголеми земји од нашите во регионот се упатени на соработка, бидејќи таа е неминовност во постигнување на поефективни и поефикасни држави. Во Западен Балкан регионалната соработка не е новина, вели аналитичарот Сашо Клековски.

Saso Klekovski

Сашо Клековски

„Претходницата на регионалната соработка се појави во медиумите и во спортот, со воспоставување на регионални лиги во ракомет, кошарка, бидејќи националните спортски лиги се премали за да обезбедат услови за врвен спорт и натпреварувања. Слободната трговија е веќе воспоставена со ЦЕФТА. Земјите од регионот имаат формирано Енергетска заедница, а се преговара и за Транспортна. Независно од тоа, се воспоставува заедничко железничко претпријатие Коридор 10. Тоа е од економски причини, бидејќи поради многуте граници и национални претпријатија Коридорот 10 ја губи конкурентноста од Коридорот 4. И соработката на полициите како пограничните така во обезбедување на туристичките места е започната. Крајната цел на една суверена држава е како да постигне соработка со другите нации, водејќи се од сопствените интереси, но и од свеста дека низ соработка може да се постигне повеќе. За жал најчести пречки се симболичните или емоционалните проблеми. Земјите од Балканот пристапија кон ЦЕФТА-Централно европската слободна трговија бидејќи се плашеа од балканска- да не бидат обвинети дека создаваат нова Југославија. Транспортната заедница е запната околу Србија и Косово, како и каде ќе биде седиштето. Мора да го препознаеме својот интерес и да ги надраснеме „пубертетските" однесувања", порачува Клековски.

Експертите кои ги следат регионалните процеси, велат дека се создава нов дух на соработка кој не може да се нарече ни југословенски, ни балкански, ни западнобалкански, ни создавање на југосфера, туку автенична потреба на земјите и народите да му свртат грб на балканското минатото на војни и назадување и да се свртат кон иднината на интеграции и напредок.

Тие ги отфрлаат тезите пласирани во медиумите во регионот дека со соработката на Г6, Запад сака да ја неутрализира Русија во обидите целосно да го преземе пазарот со енергенси во овој дел од Европа.