1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Нема надеж за Елада?

Грција страда од висока стапка на невработеност од речиси 30 проценти. Тоа речиси не остава надеж за подобри денови.

Ќе заврши ли конечно кризата во Грција?

Во Аспропиргос, најважната индустриска зона во Грција, многу претпријатија, изгледаат како да се згаснати. Така е и со една фирма за бетон, која со години работи со загуби. Шефот Константинос Камполис ја одржува во живот фирмата за која е многу приврзан. Во Грција градежништвото речиси е замрено, а токму од домашниот пазар зависи опстанокот на фирмата.

„Во моментов огромен проблем е што никој не ги плаќа сметките навреме. На парите чекаме и по 6 или 8 месеци. Државата понекогаш воопшто не плаќа. И згора на се‘, банките никому не даваат кредити. Црно ни се пишува“, прогнозира Камполис.

На петстотини метри оддалеченост од фирмата за бетон, егзистира една сосема поинаква, изненадувачка Грција. Спиридон Делендас годинава инвестираше во нови машини за преработка на метал. Претпријатието очекува рекорден обрт благодарение на новите муштерии од странство. Во меѓувреме извезува во цел свет, дури и во Австралија.

„Вистина е дека многу претпријатија во меѓувреме се добро поставени и се пренасочуваат кон извоз. Тие освојуваат нови пазари затоа што го имаат подобрено квалитетот. Тоа значително придонесува за успехот. Мислам дека во тоа е иднината“, убеден е Делендас.

Пантелис Пахулас, еден од работниците во неговата фабрика „Мевако“, вели:

„Седумдесет проценти од моите пријатели се без работа. Стигнавме до таму, да се срамиме да кажеме дека имаме работа.“

Грција страда од висока стапка на невработеност од речиси 30 проценти. Тоа речиси не остава надеж за подобри денови. Кај помладите, во просек од тројца Грци дури двајца се без работа, како Тимолеон Сикиотис и Михалис Франкиадулакис. Во нивниот кварт на периферијата на Атина не настанува ништо ново, нешто што би им влевало оптимизам. Минатата година работеле - едниот таксист, другиот продавач, а сега живеат кај родителите и на нивен товар. Франкиадулакис раскажува:

„Ние сме, за жал, проколната генерација. За нас едноставно нема работа. И доколку воопшто има некое слободно место, платата е никаква. Познавам едно 24-годишно момче кое во супермаркет заработува 250 евра нето месечно.“

Сикотис пак вели:

„Бев во една фирма каде што ми покажаа 500 пријави на кандидати за едно работно место. Безнадежно е, и се‘ уште масовно се отпуштаат работници. Истовремено, луѓето се‘ повеќе се принудени да работат на црно, без социјално осигурување.“

Griechenland Räumung des besetzten Rundfunkgebäudes in Athen

Штрајковите и протестите се секојдневие во Грција

И економски експерти како што е Савас Роболис во моментов немаат многу надеж за земјата. Тој не гледа светли моменти, напротив. Според него, бранот банкроти ќе продолжи и во 2014 година:

„Во наредната година не очекуваме толку голема рецесија како годинава - 4 проценти, туку постигнувањето на стопанството ќе опадне за 1,5 отсто, а стапката на невработеност ќе се зголеми на 31 процент. Високите даноци остануваат товар за приватните домаќинства и фирмите.“

По седум години криза, дури во 2015-та година грчкото стопанство би можело да постигне пораст.