1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Нема мир без економски и социјални права

Извештајот на Амнести интернешенал е јасна опомена за шефовите на групата Г8, спроти нивниот скорешен самит во Германија – смета Улрике Маст Киршнинг во следниот коментар.

Логото на Амнести интернешенал

Логото на Амнести интернешенал

Оној кој верувал дека со надминувањето на судирот меѓу Западниот и Источниот блок автоматски ќе завладее мир и слобода на Планетата – тој морал веќе поодамна да се разбуди од илузијата. Толку многу работи се случија во меѓувреме од паѓањето на “железната завеса“ на крајот од 80-тите кои зборуваат дека овие две темелни вредности се трајно загрозени. Неолибералната идеологија од 90-тите години на минатиот век, што тврдеше дека слободната игра на капиталот и пазарното стопанство ќе донесе развој во светот, се покажа како погрешна теза за многубројни луѓе во бројни делови на светот.

Светот се поларизира меѓу богатите и сиромашните, првите малубројни, вторите огромна маса. Моќните лоби групи за заштита на (пред се‘ сопствените) економски интереси, стекнаа уште поголема моќ, на сметка на моќта и власта на владите. И едните и другите играат на картата – несигурност и страв кај луѓето: страв од доселеници и губење на сопствениот идентитет, од тероризмот, од луѓето со поинаква вероисповед или едноставно од неснаоѓањето како единки во ерата на глобализацијата.

Во годинешниот извештај за човековите права на Амнести инетернешенал можеби како никогаш до сега се гледа јасно колку запоставувањето на стопанските и социјални права на луѓето води кон конфликти и дури војни. Згора на тоа доаѓа инструментализирањето на горе спомнатите стравови од страна на несовесни политичари, што станува придвижувачка сила за разни идеологии во разни општествени системи ширум светот. Од тоа произлегуваат сосема конкретно разни видови на етничка и религиозна дискриминација, се‘ до прогони и други манифестации на расизам. Тоа се покажа и во големите демонстрации на муслиманите поради карикатурите на сметка на пророкот Мухамед во некои западни медиуми. Тоа се манифестираше во притисоци кога е во прашање правото на изразување на сопственото мнение и на сеопфатно информирање. Во САД на пример имаше попречување на информациите за срамната состојба во озлогласениот американски затвор во Гвантанамо беј. Во Русија новинарите и борците за човекови права мораат да се плашат за сопствениот живот. А во Северна Африка и на Блискиот исток имаше забрани за јавно собирање.

Тоа се случува сега и со разните самити, како оној на Групата Г8 што претстои во Германија. Стравот од терористички напади доведе до големо заострување на безбедносните мерки. Но, колку и да е тој оправдан, ова што во последно време се случува претставува изигрување на правата на граѓаните што ги гарантира правната држава и со тоа може само да ги влоши проблемите.

Манипулирањето со стравот и несигурноста на луѓето нема да ги реши комплексните проблеми на нашето време. Затоа амнести во извештајот бара стратегија за траен развој на сите, стратегија што ќе ја разбуди надежта во подобра иднина, стратегија што ќе ги поттикнува демократијата и човековите права. Шефовите на држави и влади на најмоќните 8 земји во светот имаат голема шанса на претстојниот самит да дадат импулси во таа насока.