1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Нема место за Бугарија и Романија во Шенген зоната

Влезот на Бугарија и Романија во Шенген зоната на ЕУ ќе биде повторно одложен, а министрите за внатрешни работи на земјите-членки на Унијата на денешниот состанок во Брисел ќе го одложат гласањето на оваа тема.

Двете земји ги исполнија техничките услови за приклучување кон зоната на слободно движење уште во 2011. година, но нивниот влез оттогаш постојано се одложува поради загриженоста за нивото на корупција и организиран криминал во нив.

„Не постои консензус меѓу земјите-членки за оваа одлука. Недостатокот на консензус не се однесува на само една земја“, изјави анонимен дипломат на ЕУ за агенцијата ДПА.

Германскиот министер за внатрешни работи Ханс Петер Фридрих викендов предупреди дека е подготвен да стави и вето на евентуалната одлука за прием на Бугарија и Романија. Претходно, Холандија беше земјата која го блокираше влезот.

27-те министри за внатрешни работи во блокот земји нема да гласаат за ова прашање, но темата ќе остане на агендата. Според извор во ЕУ, на проблемот не може да се гледа само како на техничко прашање поради политичките импликации кои тоа ги предизвикува.

Претседателот на европскиот парламент Мартин Шулц се спротивстави на ваквите толкувања на правилата во ЕУ. „Ние сме заедница базирана на закон. Ние ги дефиниравме критериумите. Јас одбивам да говориме за политички критериуми, бидејќи тоа е беззначајно и контрапродуктивно“, изјави Шулц по средбата со бугарскиот претседател Росен Плевнелиев во Брисел.

Дипломатски извори велат дека не се очекува министрите да ја отворат оваа тема повторно пред втората половина од годинава.