1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Нема крај на насилството во Египет

Во минатите денови ситуацијата во Египет малку се смири, но на вчерашниот „Петок на решеноста“ повторно дојде до судири. Во повеќе места има загинати и ранети.

На улиците на повеќе градови во Египет, и покрај масивното присуство на силите за безбедност, вчера (30.08.2013) по петочната молитва повторно излегоа илјадници Египќани барајќи на функцијата повторно да биде вратен соборениот претседател Мохамед Мурси. Во вчерашните протести на приврзаниците на Мурси загинаа осум, а приближно 200 луѓе се повредени.

Поддржувачите на Мурси синоќа пред полицискиот час се обиделе да се доближат до претседателската палата во Каиро, но биле спречени од безбедносните сили. Демонстрантите оттаму се упатиле кон Плоштадот на сфингата, каде полицијата употребила солзавец и пукала во воздух за да ја растера толпата. Судири меѓу демонстрантите и полицијата имаше и во Суец, во Асјут и други градови. Во Порт Саид при напад врз армиски пункт загина еден војник, а тројца се повредени.

На масовни протести по петочната молитва повика Муслиманското братство. Но, по насилното расчистување на протестните кампови на исламистите во Каиро кон средината на август, Муслиманското братство има големи тешкотии да ги мобилизира своите приврзаници. Во двете последни недели беа уапсени над 2 илјади припадници на движењето, меѓу кои и целото раководство. Пред неколку недели на повиците за протести на улиците се одзваа стотици илјади луѓе.