1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Нема крај на кинескиот систем на логори

На крајот на 2013. година Кина го укина т.н. „превоспитување низ работа“ во казнените логори ширум земјата. Но во тие логори полицијата и натаму смее да затвора луѓе, без каков било судски процес и шанса за жалење.

Постојаната комисија на кинескиот Народен конгрес на крајот на декември го потврди она што беше одлучено уште во ноември на заседанието на Централниот комитет на Комунистичката партија на Кина - итно укинување на т.н. „превоспитување низ работа“ во казнени логори. Во такви логори полицијата можеше да испрати ситни криминалци или други несакани лица во период до 4 години, без притоа да имаат право на адвокат или шанса за поднесување жалба.

Многумина набљудувачи го поздравуваат укинувањето на „превоспитувањето низ работа“ како чекор во насока на правна држава. Сепак, во Кина се‘ уште се испраќаат луѓе во работни логори без каков било судски процес и одлука. Зашто логорите за „превоспитување низ работа“ беа само дел од еден цел логорски систем во Кина, каде полицијата може без судски процес да испраќа несакани личности.

Логори за проститутки и зависници од дрога

Други делови од овој систем функционираат и натаму. Така, на пример, зависниците од дрога или ситните дилери завршуваат во т.н. „Центри за принудна детоксикација“. Николас Бекуелин од организацијата за човекови права Хјуман Рајтс Воч во разговор за Дојче веле проценува дека бројот на луѓето што се затворени таму е околу 100.000. Бекуелин е на мислење дека некои од затворените логори за „превоспитување низ работа“ сега ќе бидат пренаменети во „Центри за принудна детоксикација“.

China Arbeitslager Umerziehungslager für Männer Insassen

Во работен логор завршуваа најчесто ситни криминалци и други несакани лица

„Овие центри практично и не се разликуваат од работните логори. Треба само да се смени таблата на влезот и наместо ‘работен логор‘ да се стави ‘центар за принудна детоксикација‘“, вели тој.

Друг систем на логори има за проститутките и, во многу помал број, за нивните муштерии. Според проценките, 20.000 луѓе се затворени во речиси 200 центри со име „Притвор и образование“. Точни бројки нема, вели Шен Тингтинг од невладината организација Азија Каталист. Владата не објавува бројки. Шен учествуваше во изработката на една студија за своеволното затворање на секс-работнички во Кина, што Азија Каталист ја објави во декември. Во интервју за ДВ Шен објаснува дека во овие центри луѓето се затвораат во времетраење од 6 месеци до 2 години. Должината на престојот во центрите зависи сосема од одлуката на полицијата.

„Се работи за пари“

Резултатот од студијата покажува дека образование, во смисол на она што го сугерира името на логорот, воопшто нема. Проститутките се принудени на работа.

China Arbeitslager Umerziehungslager für Frauen

Логори за проститутки има и натаму

По завршувањето на престојот во логорот, ниту една од нив не се откажала од она со што се занимавала пред да биде затворена. Згора на се‘, нагласува Шен Тингтинг, секс-работничките морале и да плаќаат за својот принуден престој во логор. Сместувањето и храната им се наплаќа. Истото важи и за задолжителните тестови за полни болести и за сида, а притоа на жените најчесто не им се дава информација за резултатите од тестовите. Затоа проситутката Ји во студијата спроведена од Азија Каталист доаѓа до заклучок дека „се работи само за пари“. „Тоа е само начин да се изнудуваат пари во име на владата и на полициските органи“, убедена е таа.

Психијатрија за иницијатори на петиции

Бекуелин наведува уште еден систем во кој може да завршат луѓето под полициска принуда и без судски процес - психијатриските болници. Полицијата во Кина, покрај клиниките на Министерството за здравство и приватните болници, има и свои психијатриски клиники. „Таму може да го затворат кого сакаат, ако притоа имаат дозвола од психијатар. А речиси сите се полициски психијатри“, вели Бекуелин.

China Arbeitslager 2003

Укинувањето на логорите за „превоспитување низ работа“ се оценува како чекор во вистинска насока, но...

Од неодамна состојбата е минимално подобрена со закон и, барем теоретски, се ставени пречки на патот на принудно упатување во психијатриска клиника. Но во стварноста полицијата се‘ уште зад ѕидовите на психијатриите затвора луѓе како ќе и‘ текне. „Многу често тоа им се случува на иницијатори на петиции“, објансува Бекуелин. „Ги затвораат на кратко време, на неколку недели или месеци.“

Иако укинувањето на логорите за „превоспитување низ работа“ се оценува како чекор во вистинска насока, според проценките на Бекуелин, ќе мине уште долго време додека во Кина се укинат долгите затворања без процес, адвокат и можност за поднесување жалба. Експертот на Хјуман Рајтс Воч уште додава: „Дури и да се дојде до такво нешто, останува прашањето - колку се во основа праведни судските постапки во Кина, со оглед на тоа што правосудството е зависно од она што ќе го каже партијата.“

Поврзана содржина