1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Нема етничка политика, туку политика без етика

Во Кичево и Струга нема отпуштања на етничка основа, туку ерозија на политичката и институционална етика, велат аналитичарите. Дали партиите создаваат проблеми, кои потоа самите ги „решаваат“?

Пoчна во Кичево, продолжи во Струга. Од изборот на новите градоначалници, се уште тлеат обвинувања дека локалните власти отпуштаат вработени по етничка линија. „Доволно" е да се каже дека градоначалници во тие општини се Албанци, а отпуштените Македонци, па во кревките меѓуетнички односи да се создаде слика дека соживотот од чекор напред - се враќа два чекори назад. Има ли етничка политика по смената на локалната власт? Нема - категоричен е универзитетскиот професор, Мерсел Биљали.

„По секои локални избори чистките во општинските структури се зголемуваат. Или незаконски се преместуваат луѓе на многу ниски работни задачи или им се укинуваат работните места. Голем број директори на училишта се разрешуваат надвор од сите законски услови и постапки. Не се работи за меѓуетничка пресметка, мислам дека на тој план повеќе или помалку - внимаваат. Проблемот е исклучиво меѓупартиски. Не само што поддржувачите на спротивниот партиски табор се гледаат како непријатели, туку жртви се и оние кои биле индиферентни и не му помогнале на победникот. Ова е тежок проблем и треба детално да се уреди со закон. Не е можно наставник да работи три години на исто работно место, да дојде нов директор и да избере наставник без никакво искуство. Ова е рак рана на општество", тврди Биљали.

Кој форсира етнички критериуми?

Струшкиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ деновиве остро реагираше што градоначалникот Зијадин Села ги разрешил раководителите Македонци.

„На градоначалникот Села му порачуваме во иднина добро да промисли пред да

Blagoja Despotovski

Благоја Деспотовски (фотографија од изборната кампања)

преземе вакви непринципиелни и штетни одлуки, базирани исклучиво на етнички критериуми", се вели во партиската реакција.

Градоначалникот остана недостапен за коментар на забелешките на струшката организација на ВМРО-ДПМНЕ. Својот став го соопшти неговиот претходник Рамиз Мерко од ДУИ, кој во два мандата беше градоначалник на општината.

„Во Струга нема меѓуетнички тензии. Тензии создаваат партиите. За да опстанат во политиката измислуваат проблеми што потоа 'ќе ги решаваат'. Тоа е безвредно. За етнички критериуми зборуваат тие што етнички се групираа за настап на изборите. Не ми се допадна здружувањето на македонските партии по етничка линија и со заедничка листа. Партиите на Албанците го почитуваа плурализмот и настапија со посебни листи", вели Мерко.

Кој ќе гаси етнички пожар

Во Кичево, немаше етничко групирање на партиите на Албанците, но доминираше огромна мобилизација на албанската дијаспора за гласање. Во оваа општина со повеќе од 8.000 невработени, отказите за Македонците во заедницата се доживуваат како етнички мотивирана одлука. Не го прифаќаат образложението на градоначалникот Фатмир Дехари, дека „отказни решенија им се поделени на лица кои биле ангажирани спротивно на законот и актот за систематизација, со договор за вршење 'итни и неодложни работи' и на кои им истекол договорот". Поранешниот градоначалник, Благоја Деспотовски, објаснува зошто се неосновани отпуштањата од противпожарната служба.

„Лани избувна пожар, кој за малку ќе пеплосаше цела населба во која живеат Албанци. Тогаш кадровски ја зајакнав службата, а истото го сторив и годинава. Вработив и Албанци и Македонци. Но, Антикорупциската комисија не дозволи вработувања заради изборите, па ги ангажирав со договор. Сега се отпуштаат само Македонци, а во противпожарната служба не само што нема вишок, туку има место за 15 вработени. Сакав да изградам економски силно Кичево кое ќе оди во Европа, а не да се враќа назад. Го зголемив буџетот за 40 отсто. Ја вработив првата Ромка во општината. Вработував Албанци, Турци и не правев поделби. Повеќе градев во деловите каде што живеат други етнички заедници, за да не ми забележат дека се грижам само за Македонците. Но, кога гледам сега како се постапува, ми изгледа дека сум бил наивен", вели Деспотовски.

Ваквите состојби неодамна го одведоа во посета на Кичево американскиот амбасадор во Македонија, Пол Волерс, за да се увери како тече реорганизацијата по спојувањето на петте општини.

Mazedonien Kommunalwahlen Zijadin Selja

Зијадин Селја

„Престојот во Кичево е со цел да придонесеме интеграцијата на процесот на новата општина да тече што побрзо и побезболно. Ние сме оптимисти и се надеваме дека меѓунационалните односи ќе бидат такви какви што посакуваме, а и економскиот развој ќе оди по нагорна линија", порача тогаш Волерс.

Последица, а не причина

Политичкиот аналитичар Харолд Шенкер, во актуелната ситуација гледа последици кои се директен резултат на етнички мотивираното прекројување на границите на општините.

„На овие локални избори, во Струга и Кичево, на македонското општество му се случи трибалистички преседан. Двете најголеми заедници ги мобилизираа сите сили, вклучувајќи го формирањето на етнички предизборни коалиции со политичките противници и масовна мобилизација на дијаспората, за да се 'земат' општините или да се спречи 'одземање' од другата етничка заедница. Се додека етничката димензија останува доминантна во изборниот натпревар, остануваат отворени и вратите за ефтин популизам, за антидемократски рефлекси и за негирање на индивидуалното право за изразување. Се додека во политичкиот дискурс преовладуваат апелите за колективно делување, за етничка дисциплина во изразувањето на правото на глас, и се додека идеолошките разлики остануваат помалку важни од етничката припадност, македонското општество ќе продолжува да се соочува со сериозен демократски дефицит" вели Шенкер. Според него, ваквата ситуација им користи само на партиите и структурите на моќ, чија цел е контрола врз населението, а не развој на еманципирани и слободноумни поединци и свесни граѓани.