1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Нема договор меѓу Белград и Приштина

Ниту последната рунда од дијалогот во Брисел не резултираше со договор меѓу Белград и Приштина. Претстојат нови консултации во надеж дека до идната недела ќе се премости тесниот, но длабок јаз меѓу двете страни.

Маратонските, тешки и по можните последици драматични разговори завршија без успех и конечен договор за надлежностите на српската заедница на Косово. По 12 часови преговори со прекини, консултации, па и повишени тонови, премиерот на Србија Ивица Дачиќ изјави: „Во моментов немаме договор. Имаме уште некое време да евентуално дојдеме до некое решение, да ги собереме впечатоците по овој тежок ден.“

Catherine Ashton Dacic und Vucic

Кетрин Ештон со српската делегација

Белград останува на ставот дека прашањата „кој ги чува, брани, тужи, суди, лекува и школува Србите“, се приоритетни надлежност за заедницата на српските општини на Косово. Приштина повторува дека на таа заедница не и допушта извршни и законодавни функции. „Одлучивме да го интегрираме тој српски народ и таа територија во Република Косово“, вели премиерот на Косово Хашим Тачи. „Покажавме најдобра волја и кооперативност. За жал од српска страна и натаму постои неодлучност. Побаравме дополнително време и консултации.“ Тачи додава дека позициите на Приштина се на иста линија со ставовите на ЕУ и на САД и се надева дека Белград ќе ја промени својата „статична позиција“.

Свесни за последиците од негативниот исход од дијалогот

Шефицата на европската дипломатија Кетрин Ештон од своја страна вели дека со оваа рунда дијалог е затворен „формалниот круг на состаноци“. „Многу предлози се ставени на маса. Јазот меѓу двете страни е тесен, но длабок. Тие сега се враќаат во своите престолнини на консултации и наредните денови ќе ме известат за нивната одлука. Им посакувам добар пат и успех во постигнувањето на договор“.

Catherine Ashton Thaci und Blerim Shala

Кетрин Ештон со косовската делегација

И додека Приштина вели дека очекува договор, за кој, според зборовите на Тачи е неопходно „Србија да се согласи на понудените принципи“, делегацијата од Белград порачува дека „предложеното, во нормална ситуација, тешко дека би било оценето како праведно“, вели Дачиќ. „Во еден момент Александар Вучиќ, свесен за тежината на проблемите, ми понуди оставка како прв потпретседател на владата, што го одбив. Ние сме за тоа едноставно или да прифатиме или да одбиеме. Свесни за тежината на одлуката, од една страна за нашиот народ на Косово и Метохија, но и на последиците од одбивање на одлуката и по нашиот народ на Косово и Метохија и по цела Србија“.

Од Белград порачуваат дека се свесни дека доколку нема позитивен исход од дијалогот тешко ќе се добие датум за почеток на преговорите за членство со Европската унија, но дека во тој случај ќе останат приврзани на дијалогот како начин да се решат прашањата кои „еднаш мораат да бидат решени“. Сепак, доколку дојде до приближување на ставовите во наредните денови, нови разговори меѓу Белград и Приштина би можеле да се одржат веќе идната недела.