1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Нема датум за повлекување од Ирак

Американскиот сенат не постигна согласност околу повлекувањето од Ирак. По два дена дебата, сенаторите го отфрлија определувањето датум за повлекување на 130-те илјади војници од Ирак, односно гласаа за резолуцијата на републиканците во која ирачката војна е дефинирана како дел од светската борба против тероризмот.

default

Републиканците имаат мнозинство и него го употребија за да се изгласа резолуцијата за Ирак во која повлекување на американските војници не е препорачливо зашто тоа не е во интерес на американската безбедност. Републиканецот Патрик МекХенри, изјави: “Ние водиме војна против исламистите, кои не мразат.“

Џон Мурта, демократ и гласен застапник на конкретен датум за повлекување на американските војници, и самиот ветеран од Виетнам, не можеше да издржи. Тој го потсети републиканецот Патрик Мекхенри, стар 31 година, дека не е тој оној што се бори во Ирак, туку се тоа војниците: “Војниците и нивните семејства се тие што мораат да војуваат, а не конгресот.“

Ваквите аргументи беа попусто. Сенатот не прифати определување конкретен датум за повлекување на силите, а конгресот веќе претходно одобри нови 66 милијарди доалри за војните во Авганистан и Ирак.

Во Ирак, пак, и покрај големата безбедносна операција што е во тек, и десетиците илјади ирачки и американски војници распоредени во и околу Багдад, повторно се случуваат нови тешки напади. Во самоубиствениот напад што се случи во една шиитска џамија во главниот ирачки град, загинаа 11 верници, а 25-мина се повредени. Атентаторот и покрај силните безбедносни мерки, успеал да дојде до џамијата и кога ги соблекол чевлите експлодирала бомба скриена во чевлите. Безбедносните сили стравуваат дека е можно да станува збор за прв напад на одмазда за убиството на топ терористот Абу Мусаб ал Заркави. Токму вакви напади врз Шиитите на интернет најави наводниот наследник на Заркави. За идентитетот на новиот шеф на Ал Каеда во Ирак, портпаролот на сојузничките сили, Вилијам Колдвел, рече: “Тоа е лице за кое сметаме дека го презел ракводењето со Ал Каеда во Ирак. На интернет лицето го нарекуваме Абу Хамза ал Муџахер, но веруваме дека е тоа Абу Ајуб ал Масри. Египќанецот е функционер на Ал Каеда и индиректен помошник на Заркави.“